Home » Историско здружување на три оркестри од Македонија, Бугарија и Грција во моќната изведба на сценската кантата “Кармина Бурана“

Историско здружување на три оркестри од Македонија, Бугарија и Грција во моќната изведба на сценската кантата “Кармина Бурана“

by culturalchat

Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи. Ова беше епилогот по моќната изведба на епската ,,Кармина Бурана” од Карл Орф којашто се случи во големата сала на националниот дворец на културата (НДК) во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилјираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации.Околу 250 музички уметници се соединија со звукот на моќното, величествено музичко-сценско дело со кое се пренесоа пораки за културно обединување и славење на љубовта и уметноста низ три различни култури. Изведбата на едно од најпознатите дела на 20. век, претстави платформа за меѓусебно разбирање и патување низ еден прекрасен музички јазик кој зборува за љубовта, радоста, судбината.Главниот ,,виновник” за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров, не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело. Идејата е овој концерт да се повтори и во Скопје и во Солун. Овој настан уште еднаш потврди дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина. Со присуството на државниот врв на Бугарија, како и повеќе од 30 амбасадори беше укажана голема почит кон овој настан и беше испратена моќна порака. По повод овој настан, Александар Котевски, в.д директор на Македонската филхармонија, во Софија се сретна со Агнеза Руси Поповска, амбасадорка на Македонија во Бугарија и Зоран Пејковски, директор на македонскиот КИЦ во Софија.

 

 

Related Articles