Home » Кога животните нè учат на безусловна љубов-приказна за бездомното куче Хачи од Битола

Кога животните нè учат на безусловна љубов-приказна за бездомното куче Хачи од Битола

by culturalchat

Една убава приказна ни доаѓа од Битола, а поврзана со прифатилиштето Хачико и една мила душа која ги препозна своите негуватели и не сакаше да се оддели од нив. Уште еден доказ колку животните имаат душа, а понекогаш е убаво и да учиме од нив. Во продолжение го пренесуваме автентичниот пост од прифатилиштето со една порака: Вдоми, не купувај.

„Статистиката покажува дека над 80% од кучиња кои имале дом а потоа биле напуштени, повторно се враќаат не местото каде што живееле и сеуште го чувствуваат како свој дом . Денес имавме прилика да бидеме сведоци на слична приказна со едно од нашите бездомни битолски кучиња кои привремено беа згрижени во нашето прифатилиште. Како што знаете, за време на предновогодишните прослави нашето прифатилиште излезе во пресрет и со иницијатива кучињата од центарот на градот да бидат привремено преместени заради бучната атмосфера, петардите, огнометите, па и заради дел од граѓаните кои нехумано постапуваат со нашите бездомни шепасти пријатели. Денес, едно од тие кучиња, кое неодамна беше вратено кај Саатот, при повторна случајна средба со нашите вработени, неможеше да ја скрие сета среќа и љубов која веројатно ја разви во текот на својот престој во нашето прифатилиште. И покрај храната што ја доби и прегратките кои си ги разменија на лице место, сепак тоа одлучи да не се раздели со нив по втор пат. И самите вработени не можеа да веруваат на своите очи кога тоа почна да трча по нивниот автомобил и не се откажа се додека не стигна назад во нашето прифатилиште.

А кога веќе стигна, без многу размислување влета право во истиот бокс каде што беше сместено пред извесно време. Потоа радосно излезе, возбудено се истрча низ нашиот двор и скокајќи се поздрави со сите присутни. Веројатно пораката што сакаше да ни ја пренесе е: ЛУЃЕ – ОВА Е МОЈОТ ДОМ!! Можеби и место каде за првпат добило покрив над глава, своја куќарка, свое ќебенце, своја чинија за храна … Место каде за прв пат се почувствувало безбедно и сакано. Тоа денес не одбра нас, тоа не доживаеа како своја фамилија, а ние единствено што можевме е да го прифатиме како наше – и му дадовме име ХАЧИ. А нам сите, како луѓе, ни останува да размислуваме: – Колку малку им треба за да бидат среќни и да се почувствуваат сакано оние кои без своја вина се нашле на улица? – За сите оние кои ги напуштаат своите миленици, дали сте се запрашале: – Како и колку тешко “вашиот миленик” ги преживува моментите кога ќе сфати дека сте го напуштиле…??? И дали воопшто е способен да преживее и опстане во новонастаната ситуација??

 

Related Articles