Home » Актерката Јулијана Мирчевска со награда на првиот ИФДТ “ИГОР МАЏИРОВ”

Актерката Јулијана Мирчевска со награда на првиот ИФДТ “ИГОР МАЏИРОВ”

by culturalchat

Со доделувањето на наградите заврши првото издание на ИФДТ “ИГОР МАЏИРОВ” 2022. Истото се одржа под слоганот “Види нови светови и остани дете”.

„Целиот тим на ТДМ е среќен што успеавме да ја зпочнеме оваа значајна приказна.
Им благодариме на сите гости, на сите медиумски покровители, пријатели од приватниот сектор, Министерството за култура,  на членовите на жири комисијата, а најмногу на бројната публика која ја потврди неопходноста за организирање на еден ваков фестивал“, велат организаторите на фестивалот.
Во салонот на Театар за деца и младинци – Скопје, стручната жири комисија во состав: Диана Кржаниќ Тепавац, актерка, еатарски педагог и претседател на АСИТЕЖ, Србија во својство на претседател на жирито, заедно со членовите Благој Чоревски, актер и режисерката Драгана Милошевски Попов ги доделија наградите.
Наградата за НАЈДОБРА ЖЕНСКА УЛОГА ѝ припадна на актерката Јулијана Мирчевска, за улогата на Марика во претставата ЈОВАНЧЕ И МАРИКА, во изведба на театарот „БАБЕЦ“ од Битола.
Се работи за една многу позната приказна од браќата Грим. Лошата маќеа го тера таткото на две деца да ги остави во мрачната шума зашто немаат пари. Двете дечиња доживуваат многу страшни, но и интересни случки преку танц и игра… Тие се снаодливи.
Со оваа претстава на а 26 јули БАБЕЦ ТЕАТАР настапуваше во Европската престолнина на културата за 2022 година – Нови Сад. Како дел од детскиот фестивал ЛИМЕНКА ФЕСТ во рамките на престижната манифестација Нови Сад – Европска престолнина на културата, покрај осум други театри од регионот, имаа можност да го презентираат македонскиот театар за деца, да ја промовираат нашата општина Битола како град во кој сериозно се вложува и се негува театарот за деца и на крајот публиката имаше можност да го слушне нашиот македонски јазик.
Претставата својата премиера ја имаше во 2017 та година и е во режија на Васко Мавровски. Во истата покрај Јулијана играат: Никола Пројчевски, Петар Спировски, Катерина Аневска, а костимографијата е на Благој Мицевски.
Главната ГРАН ПРИ награда жирито ја додели на претставата „ТИВКОТО МОМЧЕ“ во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија.
Жирито оваа претстава ја гледа како комплетен уметнички чин што храбро отвора чувствителни теми, користејќи внимателно избран театарски јазик, лесно препознатлив и прифатлив од публиката, се наведува во одлуката.
Жирито додели и две специјални награди и тоа за претставата „ЖИРАФА“ на театарот „ХОП СИЊОР“ од Атина, Грција за исклучителната креација, изработка, водење и анимација на куклите и за комплетната естетика и театарскиот израз во претставата. „ЖИРАФА“ ја понесе и наградата за НАЈДОБРА СЦЕНОГРАФИЈА, затоа што како што вели жирито, со минимални средства оваа претстава остварува силни визуелни импресии и отвора простор за детската фантазија.
Покрај нив, жирито додели уште една СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА на претставата „АВАНТУРИТЕ НА МАЛИОТ ЈУЈУ“, за колективната актерска игра и извонредното користење на сценските елементи направени од природни материјали како и за изведбата и употребата на музичките инструменти во истата. Оваа претстава се закити уште и со Наградата за НАЈДОБРА РЕЖИЈА на Рената Карола Гатица.
Наградата за најдобра МАШКА УЛОГА му припадна на актерот МАРКО ХЕРГЕШИЌ, за улогата во претставата „АВАНТУРИТЕ НА БАРОНОТ МИНХАУЗЕН“, на театарот „ЖАР ПТИЦА“ од Загреб Хрватска, за исклучителната ролја која пленеше со одлична актерска изведба допадлива за секое дете. Истата претстава ја освои и наградата за НАЈДОБРА КОСТИМОГРАФИЈА, на авторката Џениса Пецотиќ.
Првото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ се одржа од 30. Септември до 4. Октомври 2022 година на кој учествуваа девет претстави од различни земји на Европа.

Related Articles