Home » Битолската публика воодушевена од концертот на Давор Неќак и Горјана Стојановска

Битолската публика воодушевена од концертот на Давор Неќак и Горјана Стојановска

by culturalchat

Во преполната сала на Офицерскиот дом во Битола, синоќа, во рамките на битолското културно лето БИТ ФЕСТ, се одржа солистички концерт на Давор Неќак – баритон, во прудружба на Горјана Стојановска – пијано. Многубројната публика имаше можност да ја проследи концертната програма исполнета со дела од П. И. Чајковски, Џ. Верди, М. Равел, С. Рахмањинов, како и дела на други композитори.

Давор Неќак е роден е во Битола, солист e на операта во Риека во Хрватска, а неодамна ја доби специјалната награда на Љубљанската опера. Музичкото образование го започнал како пијанист, а средното образование го продолжил во класата по соло пеење кај проф. Маја Митровска.

Своите студии ги продолжува на Музичката академија во Загреб во класата на Влатка Оршаниќ . Веќе на третата година од студиите на академијата во Загреб, со 21 година положил на аудицијата во Загребачката опера и дебитира со улогата на Моралес во Кармен.

Понатаму следуваат : улогата на Меркуцио во операта „Ромео и Јулија“во продукција на Хрватскиот народен театар во Риека, улогата на Пандолф во операта „Пепелашка“ во продукција на Музичката академија во Загреб, улогата на Колас во операта „Бастиен и Бастиена“ во продукција на ХНК. Вараждин, улогата на Ван Стин во оперетата „Моќта на љубовта“ (Ѓ. Ајзенхут) во соработка со Риечкиот театар и Загрепската филхармонија, улогата на Мајорот во операта „Животинска фарма“во продукција на Музичката Академија во Загреб. Оперската басна на Куљериќ е комплексен проект под диригентска палка на Младен Тарбук, а во режија на Крешимир Доленчиќ. За изведбата на ова дело, Музичката Академија ја доби наградата „Ватрослав Лисински“, која ја доделува Хрватското друштво на композиторите за допринос кон хрватското музичко творештво.

Меѓу концертните настапи се истакнуваат настапот како солист во кантатата Кармина Бурана во продукција на Музичката академија во Загреб, која улога му беше и дипломска, настап со  Загребачката филхармонија во изведба на циклусот на Морис Равел: Дон Кихот а Дулсинее, солист во Мисата на Џоакино Росини во продукција на ХРТ – хорот, солист во Баховата Пасија по Марко во продукцијата на Музичката академија во Загреб, Исус во Баховата Пасија по  Иван во продукцијата на Ријека ХНК, рецитали во ХНК Шибеник во сезоните 2019/2020. и 2020/2021 година, настап на Вараждинските барокни вечери во 2019 година како дел од проектот „Лазарус“, настапи со Џез Биг Бендот на  Музичката Академија под диригентство на маестро Саша Несторовиќ.

Веќе како студент е добитник на бројни награди, меѓу кои 1-ва награда на меѓународниот натпревар во Словачка, Трнава – „Микулас Шнајдер Трнавски“, посебна награда на натпреварот ЗИНКА МИЛАНОВ, доделена од Љубљанската опера за улогата на Онегин во продукција на Љубљанската опера. Номиниран е за Хрватската актерско-оперска награда во категоријата „исклучително оперско достигнување за млади уметници до 30 години“, за улогата на Пандолф во операта „Пепелашка“. Соработувал со диригенти како Марчело Мотадели, Филип фон Штајнакер, Марко Хриберник, Иван Јосип Скендер, Јосип Шего, Матија Фортуна, Миран Ваупотиќ, Даријан Ивезиќ, Александар Калајѓиќ, а со режисерите: Арнауд Бернард, Озрен Прохиќ, Крешимир Доленчиќ, Саша Аночиќ, Марин Блажевиќ итн. Посетувал бројни семинари со познати професори и пејачи како Рајнер Трост, Оливера Миљаковиќ, Крешимир Стражанац.

Стојановска   своето музичкото образование го започнува  како пијанист во музичкото училиште во Битола. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје, специјализираше во класата на врвниот пијано-мајстор од Ерменија Рубен Далибалтајан, при Talent Music Master Academy во Бреша, Италија. Награди освојувала уште од основно музичко училиште, тука се наградите на државни натпревари, EMCY наградата, награди во рамки на ФМУ-Скопје, меѓународни натпревари. Еден од позначајните концерти е и оној за 4 раце, кој го изведе заедно со проф.Маја Божиновска.

Related Articles