Home » Битолски театар со „АРТУРО УИ” денес на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Битолски театар со „АРТУРО УИ” денес на фестивалот „Војдан Чернодрински“

by culturalchat

Едно од најконтроверзните дела на Бертолт Брехт „АРТУРО УИ”, а во изведба на Битолскиот театар, денес на сцената во Прилеп како дел од програмата на 56 -от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Режисерот Кендрим Ријани истакна дека „Артуро Уи” е негова прва претстава на македонски јазик и со задоволство режирал во Битола во, како што рече, „театарот со авангардна естетика”.

Во претставата „Артуро Уи” настапуваат актерите Илина Чореска, Иван Јерчиќ, Никола Стефанов, Хари Михајловски, Валентина Грамосли, Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Пројчевски, Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Александар Димитровски, Петар Спировски и Александар Стефановски.

Оваа драма на Брехт од 1941 година, е напишана за време на неговиот егзил во Финска. Брехт ја раскажува приказната за брилијантниот развој на кариерата на еден „моќен лидер“ со мафијашко-национален генотип, што многумина го поврзуваат со приказната за преземањето на власта од Хитлер. „Брехт, кој првично требало да емигрира во Соединетите Држави, го наменил „Артуро Уи“ за американската публика, но, според неговиот биограф Стивен Паркер, „ниту еден американски театар не би допрел дело што го изложува социјалниот и економскиот живот на земјата како латентно фашистички, подложни на истиот колапс на беззаконие како во Европа“, пишува Sвонко Димоски.

Артуро Уи е драма на ужаси, парабола, трилер полн со изненадувачки пресврти, љубовна приказна, грандиозна игра на зборови.

Бертолт Брехт (1898-1956)  се вбројува во најголемите и најзначајните фигури на културата од минатиот век, чии суштински и често читани како контроверзни дела, ќе бидат наново читани во секоја следна деценија од овој век.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, асистент на режија Јован Ристовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, а композитор Тимор Доми. Премиерната изведба на „Артуро Уи” беше на 6 мај на големата театарска сцена „Благој Стефановски-Баге” во Битола.

Претставата на фестивалот во Прилеп ќе биде изведена во 19 часот на сцената на НУЦК.„Марко Цепенков“. Театарскиот фестивал завршува на 9.јуни кога ќе бидат прогласени и добитниците на наградите.

Related Articles