Home » Богата програма за јубилејното издание на Џез фактори фестивалот

Богата програма за јубилејното издание на Џез фактори фестивалот

Интервју со директорот проф.Сашо Поповски

by culturalchat

„Целта за формирање на ЏФФ. е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите“, изјави директорот и основач на Џез фактори фестивалот кој оваа година го доживува своето 5.издание.

За изминатите 4 години фестивалот имаше над 2000 луѓе во публика, минатата година за прв пат беше распродадена цела сала за концертот на Васил Хаџиманов Трио, се промовираа 14 изданија на Македонски џез музичари, а на сцена беа најголемите регионални звезди.

Јубилејното издание на Џез фактори фестивалот оваа година ќе се одржи во периодот од 7.до 9.јули.

Каква е програмата оваа година?

С.П.- За јубилејното петто издание на Џез Фабрика Фестивал Битола 2022 подготвивме програма со која се доближуваме до програмите на европските џез фестивали во букирање на интернационални артисти кои се во зенитот на своите кариери како: FISCHERMANNS ORCHESTRA (Switzerland), ERMANNO PANTA & BANDA ZEITUN (Spain – Peru), OLIVIER SAMOUILLAN (France), FANFARA STATION (Italy), како и македонските артисти GORDAN SPASOVSKI TRIO, SASO POPOVSKI QUARTET, ALEKSANDAR BOSHKOV QUARTET, ANTONIE VESKOVSKI, и два ДЏ сетови на ILE THE HAIR и B.BOY Јордан Николов..

Со вкупно 9 изведувачки акти во главната и споредна програма го најавуваме можеби и највозбудливото издание на фестивалот во кое покрај традиционалниот партнер НУ. Народен Театар каде ќе се реализира најголемиот дел од настаните, промовираме и нова летна сцена во соработка со Културниот и Информативен Центар Битола (КИЦ) по моделот на големите европски фестивали. Секако во делот на оф програмата на Џез Фабрика ги вклучуваме и клубовите во Битола: Порта Џез, Камарите и Bourbon street, со што фестивалот го доближуваме до поширока публика.

Ова јубилејно издание на Џез Фабрика ќе биде збогатено и со 3 презентации и 2 работилници.

С.П.- Точно така. Тука се македонскиот бренд Аудиокултура со главен фокус на производите на Теохаров Аудио – врвна Hi Fi техника која ќе биде презентирана во трите фестивалски денови, потоа организираме дебата во соработка со Камаи Медиа на тема – Значењето на ИТ компаниите во креирањето на современото културно живеење во Битола, и ќе ја доделиме наградата “Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2021 во соработка со Општина Битола.

Фестивалот секоја година промовира млади музичари.

С.П.- Со ова започнавме уште од самите почетоци затоа што светот останува на младите и токму младите се движечката сила која треба да го менува општеството во кое живееме. Секако Џез Фабрика е фестивалот кој се грижи за Македонската џез сцена и промовира домашни изданија. Оваа година премиерно ќе го чуеме новиот албум “Light Pillar” на Гордан Спасовски Трио, материјалот за новиот албум на Александар Бошков кој е во фаза на продукција како и новиот материјал на Антоние Весковски – Off Ground Orchestra кој пред само 2 месеци ја имаше својата премиера на сцената на Македонска Филхармонија.

Битола и оваа година ќе биде центар на џез сцената со присуство на домашни и странски уметници. Што тоа значи за градот?

С.П.- Џез фабрика фестивал e единствен интернационален џез-фестивал во Битола, со сериозна меѓународна програма и главен акцент на промоција на македонските џез-артисти и нивните најнови изданија, што ја става Битола во списокот на градови со џез-култура, влијае во процесот за културна децентрализација и меѓународна промоција на Македонија.

Фестивалот придонесува за интензивирање на регионалната соработка и вмрежување, како и размена на артисти со сродни манифестации и стимулирање и промоција на авторскиот труд и продукција. Целта за формирање на ЏФФ. е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите.

Оваа година јубилејно издание. Што научивме досега?

С.П.- Ова јубилејно изданије не научи дека треба да очекуваме нелогични одлуки (Министерство за култура) и да се справуваме со последиците од истите по начин кој и ние во моментот го откриваме – преку изнаоѓање на алтернативни начини за финансирање на фестивалот. Како што знаете после 4 години континуирана поддршка и соработка со Министерството за култура ова петто јубилејно издание на фестивалот од за мене сеуште нејасни причини беше изоставено од годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата токму кога фестивалот во својата долгорочна стратегија го надминува регионалниот карактер и се доближува до Европските џез фестивал преку контунуирано вмрежување, размена на артисти и партнерство во реализација на проектите.

Во соработка со Здружението на џез музичари и слободни уметници – МКЦ Скопје, организиравме дебата на тема Џез-културата како стожер на општествените промени на која повторно не дојдоја претставници од Министерството за култура. Загрижува односот со кој сервисот на уметниците (Министерство за култура)  ја третира Македонската џез сцена и сеуште после скоро 5 месеци наши обиди за остварување средба со ресорниот министер сеуште не сме удостоени со средба од нивна страна.

Ги исполни ли фестивалот досега Вашите очекувања според тоа како го замислувавте на почетокот?

С.П.- Мислам дека е неблагодарно јас како идеен творец и реализатор на Џез Фабрика Фестивал сам да го оценувам проектот ЈФФ, но ке кажам дека за изминатите 4 години имаме над 2000 луѓе во публика, дека минатата година за прв пат распродадовме цела сала за концертот на Васил Хаџиманов Трио, дека направивме промоција на 14 изданија на Македонски џез музичари и дека на сцена ги имавме најголемите регионални звезди како: Теодосиј Спасов (Бугарија), Јотис Курцоглу (Грција), Наташа Роџерс (Франција), Арменд Џафери (Косово), Гент Руши (Албанија), Васил Хаџиманов (Србија), Тони Китановски (МК) и други.

За јубилејното издание и ново лого.

С.П.- Се надевам дека ви се допаѓа :). Тоа е дело на Даниел Ѓурчиновски – (Битолчанец) човекот кој стои зад секој дизајн – плакат – флаер од самиот почеток и е еден од моите први поддржувачи во идејата за формирање на џез фестивал во Битола. Ребрендирањето е процес кој покажува раст, визија за иднината на фестивалот како и нова енергија која за ова издание ја имаме во изобилство што го покажуваме во моментот каде за прв пат имаме 40 дневна кампања преку социјалните, дигиталните и пишани медиуми која започна на 1 јуни и ќе трае до 10 јули.

Кои позитивни страни ги донесе членството во „Мост“?

С.П.- МОСТ (Bridge to balkan music) Будимпешта е фантастичен проект кој ја доближува балканската и европска арт музичка сцена преку размена на артисти и фестивали, зголемување на мобилноста на артистите, организирање на тренинг сесии за букери, музички продуценти, организатори на културни настани и сл.

Џез Фабрика Фестивал е победник во првиот круг за размена на фестивали од 2019г. и сме поврзани со фестивалот Musicastrada Италија. Концертот за затворање на фестивалот на бендот Fanfara Station се реализира под покровителство на МОСТ.

Повеќе за оваа асоцијација може да погледнете на следниот линк.

https://mostmusic.eu

 

Од оваа година и поддршка од општината. Колку тоа ви значи?

С.П.-На мое огромно задоволство од оваа јубилејно издание, Џез Фабрика Фестивал официјално стана дел од програмата за култура на Општина Битола.

Ова е прекрасна вест за сите љубители на џез и современата музичка форма од регионот, артисти и луѓе кои активно се вклучени во обликувањето на современата Македонска џез сцена. Оваа одлука на Општина Битола, на фестивалот му гарантира одржливост, просперитет, континуиран напредок и развој.

Од името на тимот на Џез Фабрика Фестивал и мое лично име им благодарам за оваа одлука.

Интернационалниот Џез Фабрика Фестивал (JFF) кој традиционално се одржува секоја година во Битола, е и партнер во проектот „Jazz Network – France/Balkans“, кој започна кон крајот на 2021 година.

Учесници во проектот се француските градови Дижон и Равоар и неколку градови на Балканот: Битола, Ниш, Фиер, Подгорица.

Дел од проектот, се реномирани џез-организации: Media-Music, La Dynamo, Occijazz, réseau Jazz en Occitanie, Couleurs Jazz Media (Франција), Syri Blu (Албанија), Jazz Festival во Србија, Jazz Factory Фестивал-Македонија и Jazz Art (Црна Гора).

Фотографија : Татјана Ранташа.

Неда Маретиќ

Related Articles