Home » „Весел Петок“-детски фолклорен фестивал во Битола

„Весел Петок“-детски фолклорен фестивал во Битола

by culturalchat
Со цел младите генерации да ја продолжат традицијата, од оваа година КУД „Илинден“ Битола започнува со организација на Детски фолклорен фестивал насловен како „Весел Петок“. Во рамките на фестивалот од 18 до 22 април 2023 година ќе се одржат голем број на манифестации во кој ќе бидат учесници детски фолклорни ансамбли од Македонија и странство, а централна манифестација ќе биде одбележувањето на празникот „Источен петок Балаклија“ односно „Градски – селски Велидген“ на 21 април во петок со почеток во 13 часот на Средсело во Генимаале.
Според достапните податоци, уште од XVI век, а засилено во XVIII и почетокот на XIX во Битола, односно во Јени Маале – Новата Маала, се населувале христијани од многу околни села, па и градови. Населбата го добила името: Јенни махали, Ени махала, Ново маало, Јени маало, а жителите си го викале Гени маале или Ѓенимале.
Со оглед на тоа што на просторот каде што се доселувале немало изградено објекти, градејќи ги куќите оставиле широк простор кој што им служел за собири и го нарекле Средсело.
Населението кое се доселувало било претежно од селата и со себе си ги носеле и своите обичаи. Секоја фамилија си имала своја семејна слава, но заедничка слава на сите, односно на Ѓенимале бил верскиот празник „Источен петок Балаклија“, така наречениот „Градски“ односно „Селски Велигден“.
„Источен петок Балаклија“ е првиот петок после Велигден во така наречената „Светла седмица“ односно „Светлата недела’. На тој ден водата од изворите е света и чудотворна, затоа тој петок го викале: „Светол петок“ или „Благ петок“, односно тој ден е среќен и весел ден.
Културно Уметничкото Друштво „Илинден“ од Битола е формирано во 1955 година во битолската населба Генимале. Тргнувајќи од тоа, една од основните задачи и цели на друштвото во изминатите децении на активно творештво, меѓу другото, е да се истражува, негува и презентира народната традиција на локалното население кое што со векови живее во таа населба односно во тоа маало.
За таа цел во изминатиот период друштвото настојува да ја одржи во живот традицијата во сите појавни културни облици, со акцент на обичајот „Градски – селски Велигден“. Во таа насока секоја година во првиот петок после Велигден, на верскиот празник „Источен петок Балаклија“, групите и ансамблите на „Илинден“ излегуваат  низ улиците на Генимале, а на Генималското средсело реализираат соборски презентации.

Related Articles