Home » Викендов во Битола 11.манифестација „Битолски книжевни паметења“

Викендов во Битола 11.манифестација „Битолски книжевни паметења“

by culturalchat

Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“-БКК, од 1 до 3.јули ќе ја одржи 11. манифестација „Битолски книжевни паметења“ на која ќе ги додели годишните награди и ќе промовира нови авторски книги.

Оваа манифестација е меѓународна, која има за цел поддршка и промовирање на македонската литература, уметност, култура и издаваштво, популаризација на современите македонски автори пред домашната публика и пред странски автори и издавачки куќи, доближување на творештвото на реномирани странски автори до македонската публика и остварување на соработка со друштва на писатели од други земји. Се организира еднаш годишно, а првата манифестација беше одржана во 2010 г.

Секоја година се доделуваат и престижни награди и тоа:
– за македонските автори се доделуваат наградите „Книжевен круг“ за необјавени дела од различни жанрови според претходно објавен конкурс,
– за странските автори се доделуваат награди за необјавена книга и за достигнувања на странски автор („Мозаик“), а
– се доделува и наградата за превод „Лингва“.

Со одлука на стручна комисија наградата „Книжевен круг за проза“ се доделува за ракописот „Три во тринаесет“ од  Јована Матевска Атанасова, наградата „Книжевен круг за поезија “ се доделува за „Премолчено пладне“ од Никола Илијовски, а  ракописот „Книжевно-критички читања“ од Даниела Андоновска Трајковска ја добива наградата „Книжевен круг за критика“. Наградата за книга напишана на македонски јазик од странски автор се доделува на ракописот „Денот кога го изедовме Бога“ од Гордана Јовиќ – Стојковска. Наградените ракописи се публикувани и ќе бидат промовирани на единаесеттата меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“ .

Програмските содржини на меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“ се секогаш актуелни и ги следат модерните текови во литературата и културата во земјата и странство, а учесниците се реномирани автори од Македонија и странство.

Манифестацијата се одржува со поддршка на Министерството за култура на Македонија и Општина Битола.

Related Articles