Home » Гостување на претставата „За нас почнува живот“ во Битола

Гостување на претставата „За нас почнува живот“ во Битола

by culturalchat

На сцената на Народниот театар Битола, во петок 30.12 со почеток во 20 часот, ќе биде одиграна претставата „За нас почнува живот“, на авторот Ѓерг Шпиро, во изведба на актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.Режијата ја потпишува Дејан Пројковски.„Нашите ликови се дел од проектот на Диоген кој тргнал сред бел ден со свеќа во раката да го бара човекот. Оваа претстава е бурно трагикомично патување низ душата на малиот човек. Претставата е смешна, бидејќи таков е животот, но претставата е и тажна, бидејќи како што знаеме таков е животот. Претставата не се занимава со општите и глобалните планетарни теми. Светот одамна го заборави човекот. Светот престана да го бара човечкото во човекот. Секој човек е мал универзум, а ние заборавивме да зборуваме за тој мал универзум, заборавивме да се запрашаме што се случува со човекот.

‘За нас почнува живот’ е претстава за човекот, за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден, што работи со нас, што ни е роднина, за оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото“, вели за претставата Пројковски.

Истата зборува за маж и жена кои се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море. И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко, добивате милиони на лото. И како понатаму…Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои нè потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото.

Костимограф на претставата е Марија Пупучевска, автор на музиката Горан Трајковски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, преводот е на Маја Бражанска, а изработката на плакат и видео е на Стојан Стојановски.

Ѓерѓ Шпиро (1946, Будимпешта) е еден од најпознатите современи унгарски писатели. Дипломирал унгарска и словенска книжевност, а потоа новинарство и социологија. Дејствието во неговите романи често е просторно и временски изместено, но затоа секогаш во нив се наметнуваат силни паралели со денешницата : „Ѓерѓ Шпиро може да направи нешто на што другите писатели може да му завидуваат – тој може да се движи низ времето.” (Имре Кертеш). Тој е професор на Академијата за драмска и филмска уметност во Будимпешта и член на Унгарската академија за книжевност и уметност.

Претставата е во соработка со Културен и информативен центар Битола и општина Битола.

 

 

 

 

Related Articles