Home » Гран при на 24.Фестивал на монодрама за претставата од Монголија “Кој сум јас”

Гран при на 24.Фестивал на монодрама за претставата од Монголија “Кој сум јас”

by culturalchat

Стручното жири во состав Нина Мазур, Николај Урумов и Сашко Коцев на годинешниот фестивал на монодрама ја донесе следната одлука за наградите :

Наградата за најдобра режија  се доделува на Хорхе Лопез и Пати Доминик за претставата “Крвава свадба” од Шпанија. „Богат режисерски израз и концепт кој плени со многу симболи кои ја збогатија актерската игра,  делото на Лорка и воопшто самата претстава. Силни изразни средства поткрепени со шпанскиот немирен дух и прекрасните зборови на Лорка и актерските вештини на актерката Марија Видал“, стои во образложението на жирито. Наградата за најдобро актерско остварување е доделена на Салваторе Арена,за улогата во претставата “Како мало зрно песок” од Италија.

За оваа претстава жирито истакна:

„Одлично актерско остварување на Салваторе , кое со својот широк спектар на емоции ја освои едногласно и публиката и членовите на жири комисијата. Неговите емоции танцуваа, се возеа по малите улички на Италија, беа младешки, бунтовнички,страдални и секако вистински во секој момент од претставата. Неговата насмевка не` зграпчуваше за грло, а неговото страдање од неправдите кон ликот ни предизвика вистински гнев. Ослободувањето на ликот,беше ослободување за сите нас“. Наградата за најдобро остварување во целост, Гран При на фестивалот е доделено на претставата “Кој сум јас”, автор и режија: Б.Батделгер, актер : Јанјиндулам Рагкасурен од Монголија.

„ Претстава која жирито ја доживеа буквално како нотите отсвирени на една харфа, нежна ,емотивна, тивка и кревка. Актерскиот израз беше универзален и разбирлив и немаше никаква јазична бариера.Секој збор беше симфонија од чувства ставен во режисерскиот концепт кој беше суптилен и ненаметлив. Една тешка тема од човековото секојдневие,без никаква патетика, преточена во ова театарско остварување“, истакнаа од жири комисијата. Според гласовите на публиката, за најдобра претстава беше прогласена “Како мало зрно песок” од Италија, оваа награда ја доделува Општина Битола.

Во чест на наградените беше одиграна претставата „Нема струја за електричниот стол“ на театарот „Јордан Х. К. Џинот“ – Велес, во режија на Дејан Пројковски.

Related Articles