Home » Денот на државноста на Хрватска ќе се одбележи во Битола

Денот на државноста на Хрватска ќе се одбележи во Битола

by culturalchat

Препознатливиот далматински мелос, во Битола ќе го донесе далматинската машка клапа „Жрновница“,  а по повод Денот на државноста на Хрватска. Оваа манифестација веќе традиционално е во организација на Хрватскиот културен центар  и Македонско -хрватското друштво „Марко Марулиќ“ – Битола, а оваа година во соработка со КИЦ.-Офицерскиот дом.

Клапатa „Жрновница“ доаѓа од истоименото место, предградие на Сплит, Хрватска. Континуирано работи од 2008 година, а е основана од нејзиниот долгогодишен водител, маестро Марко Марин. Имаат учествувано на многу фестивали, концерти во Хрватска и во странство, настапувале во Франција, Италија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, на Хрватскиот музички фестивал во Виена, Австрија, Словенија, Чешка и со задоволство како што ни изјавија, настапуваат на бројни хуманитарни и други културни настани.

Клапата негува полифоно пеење на далматинскиот мелос, а во својот репертоар, покрај традиционалните „а капела“песни, изведуваат и далматински песни со инструментална придружба на мандолина, гитара и бас. Изведуваат композиции од духовен карактер, класични композиции, аранжмани на популарни композиции, а негуваат и традиционално народно пеење.

Во програмата за одбележување на овој значаен празник за хрватската историја, народниот театар од Сињ ќе ја изведе претставата „Семејна идила“ од М.Ненадовиќ, адаптација и драматизација на Жељко Вицулин.

Премиерата на оваа претстава беше минатата година, а по барање на публиката досега е изведена над 20 пати во Хрватска. Народниот аматерски театар од Сињ е основан во 1956 година. Во сите овие години од нивното постоење подготвиле повеќе од 160 премиерни изведби. Овие бројки покажуваат дека овој театар  и покрај кратките прекини, е еден од најактивните аматерски драмски театри во Хрватска.

Во последните 10 години, со континуирана и професионална работа, театарот се издигна на едно повисоко ниво по бројот на поставени премиерни претстави, како и во учества на фестивали.

На одбележувањето на нивното 60 годишно постоење ја добиваат  Наградата на Сплитско-Далматинскиот регион за културна промоција на градот и регионот  во Хрватска  и странство.

Related Articles