Home » Дете од кое и возрасните треба да земат пример: Леонардо Соколов

Дете од кое и возрасните треба да земат пример: Леонардо Соколов

Битолски херои кои спасуваат животни

by culturalchat

Проблемот со бездомните животни во Битола е огромен. Ако почнеме од неодговорните сопственици на животни кои ги фрлаат своите миленици или новите легла каде што ќе стигнат, до оние кои ги малтретираат бездомните животни на секој чекор. Но за среќа, Битола има активисти, луѓе волонтери кои помагаат на секој чекор, го издвојуваат и својот последен денар само за да спасат животинче од улица. Неопходно е итно решавање на проблемот, спроведување на казни за неодговорно сопствеништво, стационар и сл. Но да се навратиме на активистите. Ние си ги викаме наши битолски херои, кои стануваат и преку ноќта, одговараат на повици и трчаат во својата хумана цел.

Еден од нив има само 16 години, но до сега има спасено стотици различни видови животни, и е дете од кое и возрасните би требало да земат пример. Леонардо Соколов иако секојдневно гледа неправда на улиците во Битола, не сака да си замине од Македонија, бидеќи сака да промени барем нешто, сака да продолжи да се бори, бидејќи верува дека промената започнува од самите нас.

„Се запишав во земјоделско училиште на смер ветерина, поради љубовта кон животните и љубовта да спасам многу животи, ветеринарите се единствените доктори кои спасуваат животи без пациентот да каже што го боли. Немам хоби бидеќи цело време сум зафатен со животните. Во спасувањето нема одбирање на време и временски услови, се случува да спасувам на полноќ, на дожд, снег и многу лоши временски услови. Несакам да заминам од нашата држава бидеќи сакам да променам барем нешто, сакам да продолжам да се борам иако. Ги советувам активистите да не се откажуваат од борбата бидеќи јас многупати бев во ситуација да се откажам, но тоа се тие моменти кои покажуваат дали си силен да издржиш или ќе се откажеш, но не се откажав баш поради безгласните, не се откажав бидеќи сум разочаран од човештвото и негрижата кон природата, многупати сум се запрашал до кога ќе спасувам, а секојдневно нови животни гладуваат и умираат по улици и среќен сум кога тие пристигнуваат во Англија и Европа и спијат на кревет во полна куќа љубов, среќен сум кога сум меѓу нив“, вели Леонардо во разговор со нас.

Го запрашавме од кога спасува животни.

Л.С.- Љубовта кон животните ја имам од мали нозе, од секогаш сме имале различни животни дома и од секогаш сум бил среќен покрај нив, започнав да спасувам мачки од мојата 7ма година, започнав со неколку, ама подоцна стигнав до бројка со над 50 мачки, последните неколку години сум насочен кон кучињата, но ако има потреба веднаш сум тука и за мачките. До сега имам спасено стотици различни видови животни, сум имал случаи со змии, желки, птици, глодари, а најчесто кучиња и мачки.

Ти помага ли некој и колку е тешко кај нас да се грижиш за бездомните животни?

Л.С.- Се правам сам, имам помош од мал број активисти кои не се толку моќни да ми помагаат покрај нивните кучиња, секојдневно сам се грижам за сите кучиња и мачки. Кај нас е многу тешко да се грижиш за бездомните животни. Луѓето не сакаат да соработуваат.

Со кој предизвик секојдневно се соочуваш при твоите акции?

Л.С.-Најголем проблем ми е недостигот на храна и лекови за кучињата. Се соочувам со секакви луѓе и често доаѓа до расправија бидеќи не се воздржувам доколку видам како некој се однесува грубо кон животно.

Дали имаш соработка со здруженијата за заштита на животни?

Л.С.- Имам соработка за вдомување со 2 здруженија во нашиот град и неколку здруженија од странство.

Пред разговорот ни истакна дека имаш идеја за изградба на стационар?

Л.С.- Да, дојдов до идеја за изградба на мој мал стационар во кој моментално имам 80 кучиња и мачиња бидеќи сметам дека тоа е и тоа како потребно за да се реши на некој начин проблемот со бездомните животни.

Сепак е тешко, немам доволна помош, неможам да набавам добар материјал, а немам спонзори или некој кој би ми помогнал, тешко е но поради загубата на стариот стационар морав да најдам ново решение. Сепак ќе речам секој почеток е тежок, покрај кучињата и мачките имам кокошки и зајчиња, а сакам да почнам да спасувам и други видови на животни на кои им треба помош. Се надевам и на поддршка од општината и секој кој сака да помогне.

Дали соработуваш со ветеринарите кај нас?

Л.С.- Соработувам со еден ветеринар кој е најуспешен и 97% од случаите ги решава целосно. Разочаран сум од скоро сите други ветеринари, имам голем попуст но и преголеми долгови поради напливот на бездомни животни.

На крај Леонардо додаде:

Л.С.- Сакам да ги замолам сите сопственици да ги стерелизираат своите миленици и да ги чипираат се со цел да се намали бројот на бездомни животни и сакам да ги замолам активистите да соработуваат меѓу себе бидеќи несоработката не дели од победата, мора заедно да се бориме против неправдата кон животните и мора да работиме заедно за да го намалиме бројот на бездомни животни во целата држава, не само во Битола бидеќи во скоро сите градови ја има истата ситуација.

Доколку сакате да му помогнете на Леонардо при грижата за бездомните животни, помош при нега, храна, лекови и сл, тој е отворен за соработка, а контактите се достапни на редакцијата на нашиот портал.

 

 

Related Articles