Home » Доделени наградите на манифестацијата „Златна рамка“

Доделени наградите на манифестацијата „Златна рамка“

by culturalchat
Синоќа во хотелот „Александар Палас“ свечено беше отворено четвртото издание на манифестацијата „Златна рамка“, на која беа доделени и почесните награди.
 Наградата за филмски автор ја доби Кирил Спасески, признанието филмски работник му беше доделено на Бранко Петровски, додека наградата филмски актер ја доби Сашко Коцев. Оваа година, за првпат беше доделена и почесна награда на странски автор, која му припадна на познатиот филмскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ.
ДФРМ. годинава одлучи да им одаде почит за нивната импресивна работа која низ годините допринесува за успешен развој на националната и балканската кинематографија.

Кирил Спасески ја добива наградата филмски автор поради неуморната посветеност и извонредното сценографско обличје на десетиците филмови од земјава и регионот.

Бранко Петровски ја доби наградата поради придонесот кон македонскиот филм во процесите на неговото создавање и промоција и особената посветеност на младите автори и нивниот пробив.

Актерот Сашко Коцев ја заслужи почесната награда филмски актер со низата вонредни филмски остварувања во последните години.

Драган Бјелогрлиќ ја доби почесната награда за странски автор поради неговата појава пред се како актер, додека како продуцент и режисер ги обединува малите балкански народи. Неговото име и презиме значи мост помеѓу нашите слични, а сепак многу различни култури, нации и конфесии. Оваа награда е еден вид признание за особен приодонес кон балканскиот филм и градењето на културна кохезија помеѓу балканците.

Со проширена програма, бесплатни проекции, меѓународни гости и работилници, филмската ревија ќе се одржува до 12 јуни во организација на на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
Оваа ревија веќе четири години претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне сите македонски филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм.
Љубителите на филмот ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи и „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија, документарниот филм „Брод полн со бисери“ режиран од Александар Зиков и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ на Димитар Банов, „Касапот“ режиран од Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ.
Во рамките на „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, денес се одржува и интернационалната конференција насловена „Модели на финансирање и легислатива-регионална соработка, можности и унапредување“ на која учествуваат директори на национални филмски фондови и продуценти од десет земји, меѓу кои Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција. На конференцијата ќе стане збор за позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, состојбата на буџетирање на нашиот филм, моделите на копродукција итн.

Related Articles