Home » Зоран Пејковски е новиот претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“

Зоран Пејковски е новиот претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“

by culturalchat

На последното изборно собрание на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола за претседател е избран македонскиот писател Зоран Пејковски. Инаку во „Битолски книжевен круг“ членуваат 16 писатели, меѓу кои и академикот Владимир Костов, кои се членови на Друштвото на писателите на Македонија. На ова изборно собрание избрани се и : за секретар избрана е поетесата Мирјана Стојановска, редакцијата на меѓународното Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ кое излегува во рамките на „Битолски книжевен круг“, ќе ја води писателот Михајло Свидерски-главен и одговорен уредник, како и членовите, писателот Никола Илијовски и поетесата Елизабета Јончиќ. Ова е втор мандат на Зоран Пејковски. Тој првиот го извршуваше во периодот од 2015 до 2018 година, кога манифестацијата „Битолски книжевни паметења“ ја претвори во манифестација од меѓународен и награден карактер, кога всушност и за првпат во Битола присутни беа писатели и поети од повеќе Европски земји, како на пример од Франција, Полска, Чешка, Романија, Словенија, Хрватска, Србија, Словачка итн. Веднаш по неговиот период функцијата ја презеде поетесата Елизабета Јончиќ, која успешно ја продолжи востановената практика и тенденција за успешно меѓународно растење. „Поддршката од колегите е апсолутно значајна, и таа секогаш од нас бара повеќе ангажман за да се продолжи патот кон успехот на целиот писателски колектив. За мене посебно значење и емотивни моменти има и безрезервната подршка на големиот и еден од најзначајните македонски писатели, академикот Владимир Костов“,истакна Зоран Пејковски. Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствениот натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје. Најновото дело збирката песни „Бескрајно светла точка е негова 25-та по ред збирка песни, од вкупно 55 -книжевни дела.

Тој е и редовен академик на Руската Федерација, а од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, France & Switzerland) е назначен за почесен амбасадор на мирот. Во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европска Унија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година, член е на Друштвото на светските поети (Poetas delmundo) со седиште во Чиле од 2017., а тој е и почесен член на Сојузот на Украинските писатели од 2018 година. Член е и во друи писателски асоцијации и друштва. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.

 

Related Articles