Home » Изложба по повод една година постоење галерија Ранко Струмениковски Битола

Изложба по повод една година постоење галерија Ранко Струмениковски Битола

by culturalchat

Во семејната куќа на уметникот Ранко Струмениковски, во Битола, која сега е во најголем дел реновирана, пред точно една година беше отворен музеј, галерија и ателје “Ранко Струмениковски“. Овој уметнички простор е направен и модерно уреден и отворен по повод 85 години од раѓањето на Струмениковски.

По тој повод беше организиран настан за одбележување на годишнината од отворањето на Галеријата, и средба на творештвото и уметничките енергии на битолските и македонски Великани: Васко Ташковски и Ранко Струмениковски, а по повод децении во лично и непосредно пријателство и другарување, почит и делење на заедничката животна и уметничка и творечка судбина.

Голем број уметници, вљубеници во уметноста  присуствуваа на настанот. Изложбата насловена како “Графичка средба на двајца битолски и македонски великани“ се организираше и во чест на 17. ноември датумот на раѓање на уметникот Ранко Струмениковски. Во музејот, галерија и атејле се сместени околу педесетина графики на Струмениковски, дел од изработените логоа и дел од неговите лични работи, на два ката, кои се убаво и наменски уредени. Присутните имаа можност во еден пријатен простор и атмосфера да уживаат во  изложените  дела од обемното графичко творештво на двајцата уметници.

Академик Васко Ташковски неуморно твори и денес, во својата деветта деценија, тој е сликарска легенда, жива подвижна сликарска уметничка лабораторија кого никого не остава рамнодушен. Особено продуктивен и во последниов период, а дел од неговото творештво, минатата година предизвика огромен публицитет и интерес во Националната галерија во Даут Пашиниот амам во Скопје. Изложбата ја отвори  новинарот Драган Ристевски. Ликовниот уметник Панде Петровски даде еден уметнички осврт на изложбата. Тања Струмениковска ќерка на Ранко, читаше поезија од нејзиниот татко, ракописи од неговата младост и на Васко Ташковски од поново време.

Струмениковски бил еден од креаторите на Графичкото триенале од 1968, по кое Битола го доби својот специфичен културен белег „град на графиката“. Во Битола доаѓа како графичар по завршувањето на Академијата за применета уметност во Белград. Доаѓа во град во кој нема ниедна графичка преса, ни хартија за создавање графика, каде познавањата за графиката се скоро минимални. Бил храбар и одлучен и од Битола создаде центар на графичко творештво. Инспирацијата ја наоѓал во историското минато и лирските описи на природниот хоризонт од Преспа и Македонија. Не ги продавал неговите дела, туку ги подарувал.

Related Articles