Home » „Илузија“ нова колекција на накит на Надица Димитровски

„Илузија“ нова колекција на накит на Надица Димитровски

by culturalchat
Нејзините креации се едноставен накит, минималитички, а истовремено моќен дизајн, се она што ги одбележува креациите на Надица Димитровски. „ Создавањето на дизајнот почнува од потребата за него, во таа насока јас лично почувствував потреба и цела моја креативна енергија ја канализирав во дизајн и рачна изработка на накит“, ова го изјави битолската дизајнерка чии креации се купуваат и низ Европа. Таа е основач на брендот за креативен и авангарден накит „Креација“. Најновата колекција накит е со наслов „Илузија“. За инспирацијата вели дека е насекаде околу неа, околу нас, архитектура, филм, танц, музика, културно наслество, едноставно тоа што не опкружува, а таа инспирацијата ја преточува во парче уметност. „Инспирацијата за новата колекција е делумно лична, моја илузија…Еден мал сјај, како отсјај што стои на голиот и остинат бетон, силно ме инспирира да ја создадам оваа колекција. Таа моја илузија од градското сивило  изникна во парче накит исто како трева низ распукан асфалт. Во колекцијата вметнав елементи кои ја менуваат призмата на сивилото. Во дизајнот и овој пат базична е полимерна глина со изразена текстура во ладен тон и детали кои даваат израз на урбана естетика. “, вели Надица. ,,Илузија‘‘ е наменета за сите кои сакаат авангарден и впечатлив накит. Фотосесијата за новата колекција  ја отсликува инспирацијата преку моден концепт кој визуелно акцентира контраст, мраз и жар. Во истата учествуваше покрај Надица и Валентин Дамчевски. Надица е автор на сите креации од ателјето Креација и истите се изработуваат таму , место кое поседува современа опрема, алати и машини за изработка на квалитетни производи.  Колекциите на Ателје Креација се еден вид на модни приказни инспирирани од архитектура, музика, филм, танц, културно наследство… Визијата на „Креација’’ се движи од занает преку применети уметности до креативни индустрии како средство за промовирање на културниот идентитет. Пред европската публика таа се претстави како дел од Меѓународна модна ревија Feeric Fashion Week , која се одржува  секоја година во Сибиу , Романија. Исто така се претстави и на саемот за дизајн и иновации во Лугано, Швајцарија, а како најголем успех го смета претставувањето во Њујорк во организација на на платформата Clothia. Претходно Надица ја промовираше колекцијата марами Хера под мотото :,, Нашето културно наследство може да биде модерно и јас со гордост ќе го носам”. Околу тоа дали ќе има повторно колекција инспирирана од културно наследство како претходните Златен век и марамите Хера вели: „ Да, веќе подолго време ми стојат  во фиока скиците за колекција брошеви инспирирана од македонското движно наследство од античко време. Сега имагинацијата ми е зрела за интерпретација така што за многу скоро ќе биде изработена и изложена“. За крај околу интересот за нејзините колекции додава: ” Интересот расте и тоа ме радува.Многу ми значи што моите клиенти  ми се верни , а моите производи патуваат низ светот”.

Related Articles