Home » Италијанска премиера на „Кајмак“

Италијанска премиера на „Кајмак“

by culturalchat
Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја имаше и италијанската премиера во селекцијата на Меѓународниот филмски фестивал во Бари. Овој фестивал е еден од најголемите во Италија и е поврзан со две легендарни имиња на италијанската кинематографија – директорот Феличе Лаудадио, кој во богатата кариера беше на чело и на Венецискиот фестивал и на низа значајни филмски институции, како и филмскиот критичар Енрико Марџели, кој го претстави „Кајмак“ пред премиерната проекција и го водеше разговорот со авторот Манчевски. „Кајмак“ беше проследен со бурен аплауз во историското кино „Петруцели“ старо 120 години и прогласено за споменик на културата во Италија. Италијанскиот печат го најави „Кајмак“ како „храбар филм“, а фестивалот вели дека е „Смело и современо дело, приказна за чувства и привлечност, која не се плаши да се занимава со непријатни теми, како што се трговијата со луѓе и сурогат-мајчинството“. На прес-конференцијата со Манчевски филмскиот критичар Енрико Марџели даде голем фокус на работата со актерите, со пофалби за изедначеноста на глумата и за одлично одиграните улоги. Тој забележа дека иако филмот е комедија и се занимава со навидум секојдневни ситуации, барањата од актерите биле длабоки, со влегување во суштината на ликовите, а за кастингот рече дека, иако се работи за секојдневни ситуации во филмот, Манчевски им задавал сцени од класиците. На почетокот на месецот „Кајмак“ ја освои специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто, Португалија. Во исто време „Кајмак“ беше прикажан и на „Фест“ во Белград, каде што сите три проекции однапред беа распоредени, а актерката екипа од филмот, која присуствуваше на премиерата, доживеа огромен аплауз. „Кајмак“ е седми филм на Манчевски и е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството. Беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио. „Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МТВ, а поддржана од „Еуримаж“. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.

Related Articles