Home » Македонската Кинотека ја прикажа дигиталната верзија на „Бунтот на куклите“

Македонската Кинотека ја прикажа дигиталната верзија на „Бунтот на куклите“

by culturalchat
Во летното кино Мирно лето, Кинотеката ја претстави дигиталната верзија на краткометражниот игран филм Бунтот на куклите на Димитрие Османли од 1957 година. Воедно, Кинотеката има посебен повод за тоа затоа што проекцијата на овој филм беше прва на новиот дисипи проектор .Со оваа врвна професионална техника, Кинотеката, искуството на гледање филмови во летното кино го приближува до она во затворен простор. Филмот неодамна беше претставен на Фестивалот на новореставрирани филмови , најреномираниот фестивал од овој тип фестивали во светот кој се одржува во Болоња. Филмот беше прикажан на самото отворање што беше големо признание за македонската кинематографија. На овој фестивал, како гости секоја година присуствуваат исклучително реномирани имиња од светот на филмот. Годинава, на 36-тото издание на фестивалот специјални гости беа последната дива на италијанскиот филм Стефанија Сандрели и нејзиниот сонародник, режисерот Џани Амелио, како и едно од најголемите имиња на „Новиот Холивуд“, режисерот на „Возач“„Воини на подземјето„Јужњачка утеха“и многу други филмови – Волтер Хил. Покрај тоа, Кинотеката на Болоња, организаторот на фестивалот, прочуена по својата лабораторија во која се реставрирани многу ремек-дела на светската кинематографија, има одлична соработка со останатите филмски архиви и кинотеки, па така, секоја година има можност да понуди репрезентативна програма во која можат да се проследат стотици класици од сите меридијани на планетава и од сите епохи на филмската уметност. Фестивалот во Болоња има и едно непишано правило, на свеченото отворање да претстави неколку филмови како изненадување .Најчесто тоа се филмови за кои долго се сметало дека се загубени, или пак некои подзаборавени архивски бисери, или пак штотуку реставрирани класични дела на филмската уметност. Главното изненадување на отворањето на фестивалот во киното „Џоли“ беше токму македонскиот краткометражен, осумнаесетминутен игран филм од 1957 г., во режија на Димитрие – Рули Османли, а по сценарио на Љубе Петковски, кој воедно е и директор на фотографија – „Бунт на куклите“. Овој детски филм со антивоена порака, од Кинотеката во Болоња беше оценет како вистински „бисер“ и не случајно се најде на програмата на отворањето на фестивалот. „Бунт на куклите“ е филм во кој главната улога ја толкува тогаш деветгодишниот доајен на македонското глумиште – Емил Рубен, но не е негов дебитантски филм. Имено, Рубен две години порано веќе глуми во фимот „Тие двајцата“ (Njih dvojica) на Жорж Скригин, а истата, 1957 г. ја игра главната ролја во македонскиот долгометражен игран филм „Малиот човек“ во режија на Жика Чикулиќ. Во „Бунт на куклите“, Емил Рубен е едноставно брилијантен, а таа детска спонтаност, поткрепена од мајсторската режија на Димитрие Османли, успеа да ѝ ја пренесе и на одушевената публика во Болоња, која заедно со него се смееше, се радуваше и  се плашеше во соодветните сцени од филмот, во чија реализација учествувале и Василие Поповиќ – Цицо како сценограф, Скопската филхармонија, што ја изведува музиката на композиторот Ладислав Палфи и членови на Балетот при Скопскиот народен театар во кореографија на Ѓорѓи Македонски. „Бунт на куклите“, кој по проекцијата беше награден со долг аплауз, подоцна беше проектиран и во официјалната фестивалска програма, а признанието што го доби македонската кинематографија со неговата проекцијата на отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови “Il Cinema ritrovato” во Болоња е дотолку поголемо, што ова беше прв и засега единствен македонски филм проектиран на овој ренимиран фестивал. Во 2020 г., Кинотеката на Република Северна Македонија, филмот „Бунт на куклите“, заедно со уште триесет други репрезентативни кусометражни играни остварувања од сите етапи на македонската кинематографија, дигитално ги реставрираше во Белград и во Кинотеката, а истата година беше објавено и двојазично DVD-издание со реставрираните филмови, на македонски и англиски јазик, под наслов „Македонски кратки играни филмови (Macedonian Short Feature Films)“. Димитрие дипломираше на отсекот за режија на Театарската академија во Белград (1952). Се усовршува во Париз (1960-1962). Работи како уметнички раководител и режисер во Народниот театар Битола (1953-1954). Раководител е на уметничката реализација и режисер во Радио-телевизија Скопје (1965-1969). Уредник е на Забавната програма и режисер во Радио-телевизија Скопје (1969-1972). Професор е на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје (1970-1987) и негов декан (1979-1982). Селективна филмографија: Бунтот на куклите (1957); Мирно лето (1961); Мементо (1967); Жед (1971); Ангели на отпад (1995). Режисер е и на 15 документарни филмови.

Related Articles