Home » Марија Вршкова и Владимир Костов добитници на наградата „Георги Божиков“

Марија Вршкова и Владимир Костов добитници на наградата „Георги Божиков“

by culturalchat

Во Камерната сала на Филхармонијата,  беа доделени наградите на СОКОМ  во рамките на 45.издание на Денови на македонска музика. Комисијата во состав: проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, композитор, наградата „Георги Божиков“ која Сојузот  на композитори на Македонија ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2021 година , ја додели на Камерното дуо Владимир Костов (виолина) и Марија Вршкова (пијано).

За наградата уметниците истакнаа: „ Повеќе од 25 години на сцена,во сите можни камерни формации,речиси и  да нема композитор од кого не сме извеле дело.Особено на младите.Огромна чест е да се добие оваа награда (која мене воопшто ми е прва) и тоа доделена од фелата,од колеги кои знам дека искрено не ценат.Големо БЛАГОДАРАМ од името на двајцата.Овојпат на сцена со Љупчо Константинов,човек кој исклучително го почитувам поради неговата скромност а воедно величина со создадена историја зад себе“, изјави виолинистот Костов.

Вршкова на тоа додаде:„ Штом наградата доаѓа од фелата мене тоа многу ми значи. Затоа што не познавам( можеби нескромно ќе звучам), музичар кој повеќе нови дела има изведено од нас, дали сам по сам, како дуо или било која формација“.

Владимир Костов е роден во Битола, а дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Михајло Куфојанакис. Усовршувањето го продолжува кај повеќе истакнати педагози, меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко. Членувал во Светскиот симфониски младински оркестар и оркестарот „No Borders”. Покрај солистичите настапи, особен афинитет негува кон камерната музика, членувајќи во ансамблот за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“. Настапува како солист со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска и др. Основач е на клавирското трио ВАМ, а свирел и во ансамблот за современа музика „КонТемпора“, и во многу други камерни формации. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“. Моментално работи и како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основото и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност–Скопје со највисоката оцена na nivo na univerzitet – “CUM LAUDA” вокласата на проф. Т. Светиев каде ги завршува и магистерскитe студии по пијано. Во текот на образованието добитник е на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а најзначајна меѓународна наградата е  Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим–Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Вршкова има посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистичкит ехники. Реализирала преку 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски, туку и од странски автори. Покрај неколкуте снимени цд-а со истакнатите Македонски умерници,Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010-та година, таа го снима и своето прво солистичко цд, Македонска музика за пијано.

Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, ВеликаБританија, Украина, Италија, Бугарија, Русија,Америка, Бугарија,Србија, Австрија, Англија,Грција. Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали во Македонија како , Охридско Лето, ДММ, Златна лира, Есенски музички свечености. Како врв на уметничката дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири,на интернационалниот натпревар Охридски бисер, 2009-та година, како и трите награди Виртуози, за музички изведувач, 2013-та година, Камерен состав 2015-та година и Камерен состав 2016-та година. Марија Вршкова во моментот работи како доцент при ФМУ Скопје .

Комисијата во состав: проф. д-р Јане Коџабашија, композитор, проф. Живојин Глишиќ, композитор и Марко Коловски, музиколог, Наградата „Трајко Прокопиев“  што е највисоко професионално признание кое го доделува СОКОМ на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата, ја додели на македонскиот композитор Љупчо Константинов за неговото обемно творештво, за филмска и театарска музика.

Настанот беше заокружен со концерт на новоформираниот гудачки оркестар „Ајга“ под диригентско водство на младата диригентка Ана Спасовска и беа изведени дела од Љубомир Бранѓолица, Љупчо Константинов, Александар Пејовски, Стојан Стојков и Тодор Скаловски (оркестрација Ристо Аврамовски). Како солисти настапија Маја Чаначевиќ – англиски рог, Горан Јанев – хорна и Владимир Костов – виолина.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles