Home » Музиката е универзален јазик, битолчанецот Ристо Крстевски за интернационалните соработки

Музиката е универзален јазик, битолчанецот Ристо Крстевски за интернационалните соработки

by culturalchat

Музичкиот ген на битолчани е препознатлив насекаде. Повеќе познати музичари излегле токму од нашиот град. За успехот на истите доказ се многубројните награди, признанија, соработки со домашни и странски изведувачи.

Еден од нив кој долги години е на музичка сцена, последната соработка ја имаше со грчката пејачка Деспина Тсолаки, за чија песна го направи аранжманот и беше задолжен за продукцискиот дел. Ристо Крстевски битолчани добро го пропознаваат, пред се по настапот со повеќе музичари од нашиот град, но и свирки кои долго се паметат.

Песната со наслов Хирошима, јас сум само дете односно оригинален наслов Hiroshima i am just a child беше промовирана на 6 ти август, односно денот на Хирошима и во чест на жртвите кои своите животи ги загубија на тој трагичен настан. Песната носи порака за мир, а е снимана во Воден кај водопадите.

Композитор на истата е Јанис Кукос. Песната беше снимена на грчки, англиски а сега се подготвува верзија и на јапонски јазик.

За соработката со грчката пејачка Крстевски вели:

Р.К.- Сосема случајно како и што се случуваат убавите работи, на еден од моите настапи гостин беше композиторот Кукос. Таму се запознавме и ми кажа дека многу му се допаѓале моите изведби па низ разговори ме запраша дали компонирам, аранжирам и така со него за негова душа му аранжирав една негова песна на македонски јазик. Веднаш после тоа ми понуди да направам аранжман за една друга негова песна. Откако го направив истиот беше многу задоволен, па така на негова идеја и ја понуди на Деспина песната да ја испее.

Како течеше соработката?

Р.К.-Соработката пред се беше професионална и морам да кажам дека прерасна во искрено пријателство така што бев поканет и во Воден како гости во неговата куќа. Деспина беше многу кратко во Битола, само два дена кои освен за работа и снимање ги искористивме и за дружење.

Кој се учествуваше при снимањето и изведбата на песната?

Р.К.-Мелодиската линија на самата композиција е на Јанис со тоа што воведниот дел и аранжманот се мои. Во реализиацијата на нашата идеја, свој придонес дадоа брилијантните музичари, инструменталисти и мои блиски пријатели:професорот Игор Милевски на виолина, Горан Димитровски на акустична и електрична гитара и Мерхан Шакиров на кларинет, за што им сум посебно благодарен.

За  кои други музичари имаш направено аранжмани и дали имаш некаков план на тоа поле за во иднина?

Р.К.-Сум соработувал со голем број музичари, аранжмани сум правел скоро во сите жанрови почнувајќи од детски песни, па се до аранжмани за реномирани пејачи. Би ги издвоил како едни од попознатите Милован Секуловски со кој имаме освоено неколку награди, Наташа Малинкова и групата Персиди од Ресен, Цане Николовски и други.

Секако во иднина продолжувам со моите настапи, снимања, компонирања, аранжирања кои сепак зависат од многу фактори. Никој не може во целост да ги предвиди случувањата и исходот во иднина.

Што значат за тебе интернационалните соработки?

Р.К.-Секако дека секој музичар би бил горд на интернационална соработка, би сакал да ги има повеќе и секако ми значат. Никој не знае што ќе донесе наредниот ден.

Каде се настапуваш и со кого?

Р.К.-Со оглед на тоа дека Битола во лето е посетена од многу иселеници, навистина летово имавме бројни настапи скоро во сите локали низ градот. Најчесто настапувам во дуо формација со Горан Димитровски, но исто така тука би ги споменал и Б52 џез рок бенд и свирките во кои спорд потребите вклучуваме и поголем број музичари. Во моментов сме трио заедно со Јасмина Миленковска во ресторан Корзо, а викендите се резервирани за дуото со Горан во ресторан Милениум.

 

Песната може да ја слушнете на следниот линк:

 

 

Related Articles