Home » Музиката од филмот „Балканот не е мртов“ на дигиталните платформи

Музиката од филмот „Балканот не е мртов“ на дигиталните платформи

by culturalchat

Филтер Лабел продолжува со објавување на изданија од серијалот филмска и театарска музика создадена од еден од нашите најплодни и меѓународно најуспешни современи композитори, Кирил Џајковски. Па така, на сите дигитални сервиси е достапен албумот со оригиналната музика за филмот „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски.

Креативното партнерство на режисерот Поповски и композиторот Џајковски е долго и особено успешно. Кирил Џајковски беше редовен соработник на најзначајните театарски проекти на режисерот кои беа поставени на сцените низ Европа изминативе две децении. Токму затоа, уште од самиот почеток на развојот на филмот „Балканот не е мртов“, немаше дилеми околу изборот на композитор кој комплетно ќе ја разбере необичната, речиси камерна естетика на проектот. Џајковски овој концепт воопшто не го доживеал ограничувачки, туку го претпоставил како основа за надградување на визуелното со впечатливо сонично опкружување, во кое користи богата оркестарска палета, зачинета со ориентални влијанија. Албумот со музиката од филмот „Балканот не е мртов“ може да се слуша и даунлодира од сите дигитални музички сервиси.

“Балканот не е мртов” е прв самостоен филм на режисерот Александар Поповски. Сценариото за филмот го напиша Дејан Дуковски, заедно со Александар Поповски и Ана Ласиќ, според истоимениот драмски текст на Дејан Дуковски од 1994 година.

Филмот ја раскажува љубовната приказна меѓу Елени Каринте од Битола и Кемал Ататурк, од една страна, како и љубовта меѓу Осман – бег и Македонката Цвета.

Главните улоги ги толкуваат: Никола Ристановски, Драгана Костадиновска, Јордан Симонов, Наташа Тапушковиќ – Шолак, Раде Шербеџија, Благој Веселинов, Никола Ацески, Ертан Шабан, Сузан Акбелге и Сашка Димитровска.

Related Articles