Home » Музиката раскажа приказни со Татјана Божиновска и Билјана Димовска

Музиката раскажа приказни со Татјана Божиновска и Билјана Димовска

by culturalchat

Како дел од програмата на битолското културно лето, љубителите на класичната музика имаа можност да уживаат во прекрасните звуци на пијаното, во изведба на две врвни пијанистки од нашиот град, Татјана Божиновска и Билјана Димовска. На концертот насловен „МУЗИКАТА РАСКАЖУВА ПРИКАЗНИ“ беа изведени дела од познатите балети на Петар Илич Чајковски: Свита од балетот „Заспаната убавица“ и „Оревокршачка“.

Дуото пијано во состав Татјана Божиновска – Билјана Димовска работи заедно од 2009 год. и на својот репертоар има програма од барок до модерна музика.   Има одржано повеќе рецитали низ земјата: Битола, Ресен, Прилеп, Охрид, Скопје, Штип, Гевгелија, и на фестивалите: „Интерфест”- Битола (2009, 2020), „Битфест” – Битола (2011, 2013, 2018), „Златна лира”- Скопје (2011, 2021), „Прилепско културно лето” – Прилеп, „Музички моменти” – Гевгелија. Во 2013 година го снимаат и своето прво CD.

Пијанистката Билјана Димовска  е родена 1978 год. во Битола. Во 2000 год. дипломира, а во 2003 год. и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Има настапувано на повеќе значајни манифестации во нашата земја: „Денови на македонската музика”, „Скопско лето”, „Битолско културно лето” „Хераклејски вечери“, „Прилепско лето“, „Денови на полската култура во Македонија”, „Музички вторник“, “ Златна лира”, „Интерфест“ – Битола. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди: I награда на Интернационалниот натпревар во Бугарија „Нашите деца го свират Бах”; Специјална награда „Стефан Трајанов“ на истиот натпревар. Од 2000 год.е вработена е во Државното музичко училиште во Битола како професор по пијано.

Пијанистката Татјана Божиновска  е родена 1980 год. во Битола. Во 2002 год. дипломира, а во 2005  год. магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Во 2014 год. ги завршува и Докторските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. м-р Тодор Светиев и прoф. д-р Димитрије Бужаровски.Има одржано повеќе концерти и рецитали: Бугарија, Србија, Романија, Франција, Италија, Америка, Хрватска, Австрија, Норвешка, Полска, Турција.

Настапила како солист со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар. Во 2006 е добитник на највисокото битолско признание „4 Ноември“ – како член на триото „Интерарт“. Од 2002 год. е вработена е во Државното музичко училиште во Битола како професор по пијано.

Related Articles