Home » Награди за ученици на битолското музичко училиште на „Охридски бисери“

Награди за ученици на битолското музичко училиште на „Охридски бисери“

Алексеј Белевски и Арсениј Ангелески со први награди

by culturalchat

Заврши дваесет и првото издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. На Свечениот концерт што се одржа на 18ти јуни, во катедралната црква Св. Софија, настапија финалистите во дисциплините виолина, пијано и камерна музика во сите возрасни категории што годинава беа застапени на натпреварот. „Охридски бисери“ е веќе познат и афирмиран натпревар во земјава, поширокиот регион, но и во цела Европа по високиот квалитет на организација, особено талентирани и подготвени млади учесници и врвни уметници и педагози што како членови на стручното жири ги оценуваат изведбите.

И годинава, како и во претходните дваесет изданија, многубројната публика во црквата Св. Софија уживаше во десет виртуозни настапи на Финалниот концерт. Комисијата имаше тешка задача да ги одбере најуспешните меѓу нив. I-ва награда доби Алексеј Белевски од III одд, од класата на проф.м-р Марија Шамоска Буџаковски. Неодамна тој освои специјална награда од 100 поени во неговата категорија на меѓународниот натпревар Даворин Јенко во Белград , како и Прва награда со освоени максимални 100 поени на меѓународниот натпревар Сирмиум фест – Србија.

За Најуспешен претставник на „Охридски бисери 2022“ беше прогласен младиот пијанист од Средното музичко училиште во Битола, Арсениј Ангелески, победник во Це категорија, кој на концертот ја изведе „Унгарската рапсодија“ бр. 11 од Франц Лист.

Познатиот виолинист и педагог, професор на ФМУ од Скопје Љубиша Кировски, воедно и Претседател на Фестивалот „Златна лира“ на младиот пијанист Арсениј Ангелески му додели награда – Рецитал на овој престижен Фестивал што се одржува во организација на Здружението на музичките уметници на Македонија.

„Тоа чувство според мене е незаменливо, бидејќи цел тој труд и цело тоа вежбање тогаш излегува на површина и се исплаќа, и тогаш се гледа кој колку навистина се трудел и кој колку навистина вежбал“, изјави Арсениј и додаде„  Љубовта кон музиката се роди најверојатно преку мојата сестра Исидора, бидејќи таа започна прва со изучување на клавирот, па преку слушање како таа свири и вежба, и мене ме заинтересира тој инструмент и тој вид на музика“.

Тој е во класата на проф.д-р.Татјана Божиновска.

Наградата „Гран при“, парична награда во износ од 3000 евра и вреден накит охридски бисер ја освои пијано триото од Чешка во состав Кристијан Мрачек – виолина, Доминик Велек – виолончело и Вероника Јаклова – пијано.

Здружението Сојуз на композиторите на Македонија и претставникот, композиторот Борис Светиев му доделија парична награда во износ од 100 евра, за најдобра изведба на дело од македонски композитор на пијанистот Дарко Арсов за изведба на композицијата „Овчеполска свита“ од Благој Цанев. Специјалната награда на Фондацијата „Зографски“ за најдобра изведба на дело од композиторот Томислав Зографски, која традиционално ја доделува сопругата на композиторот Г-ѓа Панда Зографска ја освоија виолинистот од Италија Пиетро Багето и пијанистката Љубица Улиш од Македонија. Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, секоја година во месец јуни претставува значаен настан од областа на културата во Охрид, но и место за драгоцена размена на искуства и дружење меѓу младите музички уметници од цела Европа.

 

Related Articles