Home » „Најсреќниот човек на светот“ ги освојува светските филмски фестивали

„Најсреќниот човек на светот“ ги освојува светските филмски фестивали

by culturalchat

„Најсреќниот човек на светот“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска на завршна церемонија на Филмскиот фестивал на словенечки филм во Порторож, освои три награди и тоа наградата за најдобра малцинска копродукција, што ја доби режисерката Стугар Митевска и копродуцентската куќа „Вертиго“. Филмот ги доби и наградите за најдобра костимографија, за Моника Лорбер, како и за најдобра шминка – за Мојца Горогранц Петрушевска. Филмот имаше премиера на Филмскиот фестивал во Загреб каде што публиката коментираше дека станува збор за „најдобар филм за босанската војна направен од македонски автор“. Исто така премиерата ја доживеа и на филмскиот фестивал во Солун.

Најсреќниот човек на светот е и помеѓу трите филмови кои се натрпеваруваат за наградата на арапската критика. Три филмови влегоа во потесниот избор за овогодинешните награди на арапските критичари за европски филмови, кои беа промовирани од European Film Promotion (EFP) и Арапскиот кино центар (ACC). Од вкупно 23 пријавени европски филмови, тројцата финалисти се ЕО и Најсреќниот човек на светот – пријавените за Оскар од Полска и Македонија во категоријата Најдобар меѓународен долгометражен филм – како и филмот До северот од Романија. Во соопштението се вели:

„ Добитничката на првата награда на арапската критика за европски филмови во 2019 година, Теона Стругар Митевска се врати во потесниот круг со нејзиниот најнов филм Најсреќниот човек на светот, кој премиерно беше прикажан на овогодинешниот филмски фестивал во Венеција. Филмот се фокусира на Асја, 40-годишна самохрана жена, која живее во Сараево. Филмот беше избран за претставник на Македонија во категоријата за најдобар меѓународен долгометражен филм на 95-тото доделување на Оскарите“.

Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдот. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од искуства. Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ. Филмот се снимаше пет недели во Скопје и една недела во Сараево и истиот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти, играше и во Торонто и е годинашен македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles