Home » „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска на Венецијанскиот филмски фестивал

„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска на Венецијанскиот филмски фестивал

by culturalchat

Македонија после многу години се враќа на Венецијанскиот Филмски Фестивал со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска. Ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот – Венеција, после речиси триесет години.По успехот на вонсерискиот „Пред Дождот“, Манчевски ја имаше честа со својот нареден филм „Прашина“ да го отвори фестивалот.

Македонскиот филм ниже успеси, доказ за тоа се бројните учества на реномирани фестивали, како и номинациите и наградите кои ги добиваат. Филмот на Теона ќе биде во програмата Хоризонти, каде ќе се натпреварува за низа награди за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.

„Можам нескромно да кажам дека македонските филмаџии веќе имаат стил кој се препознава во светски рамки. Самата селекција во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал за „Најсреќниот човек на светот“ е огромен успех, сам по себе. Очекуваме пред сè одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект “– истакна директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски.

„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Сестри и брат Митевски продукција ја продолжи соработката со еден од најголемите светски продажни агенти, францускиот „Пирамид“ кој застанува зад филмови кои ја одбележуваат врвната европска кинематографија во последните неколку децении.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

„Најсреќниот човек на светот“, е голема европска копродукција, каде Македонија е носечки продуцент, а учество имаат Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Белгија и за прв пат, Данска. Како што и е целта на овие копродукциски соработки и екипата доаѓа од сите овие земји. Заради задржување на автентичноста, филмот е снимен на босански јазик, или сараевски, главните улоги се од БиХ, но и од Македонија.

Носечки продуцент на филмот е Лабина Митевска, а како копродуценти се Себастијан Делое од Антре Шиен е Лу од Брисел, Амра Бакшиќ Чамо и Адис Џапо од СЦЦА/про.ба од Сараево, Марија Мулер Кристоферсен од Фрау Филмс, од Копенхаген, Вања Сремац од Терминал 3 од Загреб и постојаниот соработник Даниел Хочевар од Вертиго од Љубљана.

Филмот се снимаше на локации претежно во Скопје во рок од 5 недели, а недела дена во Сараево. Дел од подготовките се одвиваа во Словенија, додека постпродукцијата се работеше во Данска, монтажа и обработка на звук и слика, и дизајнот на звукот во Белгија. Во Скопје најмногу се работеше на една локација во Национална и Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски“ која со имагинацијата и вредните раце на тимот на Вук Митевски беше претворена во хотел во кој се случуваат состаноците за запознавање.

Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

Секако и овој пат на филмот работеше доминантна женска екипа. Косценарист на Теона е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е белгијанката Вирџини Сент Мартен, повторно десната рака на Теона е сценографот Вук Митевски, костимите  на долгогодишниот соработник на Теона од Словенија Моника Лорбер и шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажер на филмот е Пер Киркегард, од Данска, а дизајнер на звукот Ингрид Симон од Белгија. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија Раша Петровиќ, директор на филм Елена Станишева.

Филмот беше претставен во програмата за развој на проекти Ателjе на Канскиот филмски фестивал, а на Синелинк маркетот на Сараевскиот филмски фестивал, Теона Стругар Митевска ја доби првата награда за развој на проектот од Еуримаж.

 

Related Articles