Home » Од Нова Градишка до Крушево, маратонците трчаа за Тоше

Од Нова Градишка до Крушево, маратонците трчаа за Тоше

by culturalchat
Во чест на Тоше, секоја година неговите фанови од сите страни на Балканот му оддават почит и доаѓаат во Крушево или организираат манифестации посветени за него. Со солзи во очите и многу емоции се сеќаваат на Тоше, ги пеат неговите песни, раскажуваат за спомените што ги врзуваат за големата музичка ѕвезда. Нова Градишка и Туристичкaта заедница и оваа година го одбележаа денот кога загина Тоше, пејачот кој го поврза регионот со музиката и уметноста и засекогаш ги обедини Хрватска и Македонија, Нова Градишка и родното Крушево. Организираа традиционална дводневна меморијална средба на 14 и 15 октомври. Во чест на Тоше се одржува и велосипедски маратон од Нова Градишка, маратонците трчаат од Нова Градишка до Крушево во негов спомен, ракометните ветерани се среќаваат во Нова Градишка и Македонија. Солидна соработка со мини фудбалскиот клуб во Македонија остварија и фудбалерите на хрватскиот мини-фудбалски клуб Нова Градишка. На Електротехниката и Економската школа минатата година беше поставен споменикот на Тоше, авторско дело на актуелниот градоначалник Винко Гргиќ каде секоја година се оддава почит со молитва, едноминутно молчење и положување венци. Маратонците ја посетија македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ каде ги пречека отец Кирко Велински, а потоа заминаа на дружба со Мирослав Рус од продуцентската куќа со која Тоше соработуваше. Имаа и прием во Македонската амбасада во Загреб и средба со амбасадорот Милаим Фетаи и со директорката на Културно-информативниот центар Наталија Поповска. После положувањето на венци започна меморијалниот ултра маратон долг 900 километри, кој симболично ги поврзува Нова Градишка и Крушево, местото на смртта и раѓањето на големиот музичар и хуманитарец. На свечената комеморација одржана во Градското собрание на Нова Градишка, зборуваа заменик градоначалникот на Нова Градишка Борислав Видошиќ, градоначалникот на Крушево Томо Христовски, претседателот на Здружението на Власите „Мандра“ Скопје Мите Митев, Потпретседателот на Македонската заедница во Република Хрватска, Борис Трајановски. На свечената комеморација присуствуваа и претставници на македонските здруженија од повеќе хрватски градови, Македонското културно друштво Браќа Миладиновци од Осиек, како и Македонското културно друштво Св.Кирил и Методиј-Пула. Во продолжение на комеморацијата беше претставена книгата на Драгољуб Силјаноски „Македонија е толку далеку, а сепак толку блиску“. Маратоците беа печекани во Крушево, веќе традиционално, со црвени рози, и на Гумење, на вечното почивалиште на Тоше, каде му оддадоа почит на големиот музичар и хуманитарец, познатата македонска и балканска музичка ѕвезда која ги привлекува во Крушево фановите и почитувачите на неговото дело и 15 години од неговото загинување. Во спомен на Тоше Проески, уште еднаш се потврди и обнови силното пријателство меѓу Нова Градишка и Крушево, Хрватска и Македонија, кое се роди во трагични околности, зацврстено низ годините и со соработка на културен, економски и спортски план.Како што беше истакнато на комеморацијата, неговите зборови: „Не сакам да ми симнувате капа, сакам само да се гордеете со мене“, ќе останат засекогаш врежани во срцата на сите кои имаа привилегија лично да го познаваат, или следејќи го низ неговите богати хуманитарни и музички активности. Ниту тогаш, ниту денес, нема човек кој немал ништо друго освен пофални зборови за Тоше.  

Related Articles