Home » Патуваме со писателот Јован Илиески во Копенхаген

Патуваме со писателот Јован Илиески во Копенхаген

by culturalchat

Младиот писател Јован Илиески, покрај неговите книги, препознатлив е и по патувањата во различни земји низ светот кои најчесто се инспирација за неговите дела. Овојпат со нас ги сподели впечатоците од посетата на Копенхаген, а околу идејата за патувањето таму, ни рече:

Ј.И.- Копенхаген или Стокхолм, тоа ми беше првичната дилема. Отсекогаш сум ги сакал скандинавските земји. Ме фасцинирале на посебен начин. Па, реков да почнам од Копенхаген.

Кое е твоето искуство од посетата на овој град?

Ј.И.- Данците се друга планета од нашиот народ. Култура и принципи на многу високо ниво, чисти улици, топли насмевки, а мислиш ладни се. Многу се парадоксален народ во врска со тоа. Но, исто е и скап градот, како и државата. Стандардите се исто така високи. Апсолутно го препорачувам Копенхаген како дестинација, само, направете добра математика со финансискиот дел.

Што се посети?

Ј.И.- Јас премногу ја сакам Ренесансата како историски период, а вљубеник и сум во современата архитектура. Замокот Розенберг е обележје на Ренесансата во Данска, па, се разбира дека го посетив. Пред да заминам, истражував и читав за нивната историја, бидејќи како човек сум доста љубопитен и она што го гледам пред себе како пејзаж – сакам да ја знам и приказната на истото.

Копенхаген е преполн со палати, замоци, тврдини. Нема да згрешите и ако заминете во градот поради современата архитектура, минимализмот и експресионизмот. Обележје на градот е и статуетката на малата сирена, направена во чест на данскиот писател на бајки Ханс Кристијан Андерсен. Каналот Нихавн исто така, пивото Карлсберг што потекнува од таму, и доста уникатни катедрали.

Што најмногу ти остави впечаток?

Ј.И.- Ако морам едно нешто да издвојам, како објект, тоа ќе биде катедралата Грундтвиг. Поубаво нешто не знам дали имам видено. А како менталитет, ме фасцинираа со нивната гостопримливост, а резервираност, истовремено.

Дали можеби Копенхаген е инспирација за следната книга?

Ј.И.- Копенхаген е и те како инспирација за било кој вид на уметник. Нема да излажам ако кажам да, дека ми дојде наплив на инспирација за приказна таму. Којзнае… Можеби. Во секој случај, незаборавно искуство. Буквално, е градот на бајките.

Илиески досега ги напиша: “Татко ми Босфор“, “Соба 610“, “Душа на парче хартија”, “Кругот на животот”, “Сенки на полноќ” и “Ноќта кога ја напуштив Прага”. Што не очекува следно, останува да видиме.

Related Articles