Home » Писателката Јована Матевска Атанасова со награда од Фондот на холокаустот

Писателката Јована Матевска Атанасова со награда од Фондот на холокаустот

by culturalchat

Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија по третпат распиша конкурс за краток расказ инспириран од стари фотографии со наслов: „Раскажувам фотографија“. Во расказите доминираа случувања од животот на Евреите во Македонија, во минатото.

Прифатливи беа раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази кои допринесуваат за соочување со минатото, холокаустот, емпатија, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Според одлуката на жири комисијата во состав: Ирина Талевска – претседател на жири комисијата, Катарина Богоева –член, Жаклина Мучева – член, првата награда му припадна на расказот „Фотографија“ од Јована Матевска Атанасова .

Таа е македонска писателка, раскажувачка и рецензент, родена во Битола, а по вокација дипломиран психолог. Во 2015 го публикува својот прв роман, „Тамбовските снегови“. Во 2016 романот „Писмата во библиотеката“, доживува дигитално издание, дело поддржано и наградено од програмата на фондацијата Македоника и Унеско.

Книгата „ Јас во суперлаТИв„ или твојот автопилот за развој, е интерактивна книга, нејзина трета по ред, која претставува фузија помеѓу писателот и психологот во авторката. Четвртата книга „Гладоморје“, е со поднаслов „Психопатологијата на едно општество“.

Атанасова е двократен лауреат на наградите за најдобар расказ на конкурсот во чест на Живко Чинго и тоа во 2020 и 2021. Оваа награда се доделува на манифестацијата Денови на Живко Чинго која се одржува во родното место на Чинго во Велгошти кај Охрид.Оваа награда се доделува од 1998 на иницијатива на радио Охрид, а се одржува во организација на општина Охрид.

Добитник е и на повеќе награди на општински и регионални натпревари за кратки раскази. Дел од нив се застапени во збирките Бибер, преведени на неколку јазици. Добитник е и на првата награда на конкурсот за безвременската битолска жена за расказот Јенимаалка. Што се однесува до читањето, за неа „читањето е докажана метода со која вашиот ум никогаш нема да остари, ваша ментална гимнастика“. Се води по мотото дека и најтешкиот период треба да се прифати како предизвик.

Втората награда од фондот на холокаустот оди за расказот „Во сенката на Исак џамија“ од Васко Гичевски , третата се додели на расказот „Папочна врвца“ од Лилјана Пандева.

Жири-комисијата сака посебно да ги истакне и со тоа да ги пофали со доделување Пофалници и овие три раскази:

„Дуќан на Широк сокак“ од Сузана Ѓорѓиевска,

„За здравје и радост“ од Гордана Каракашевска,

„Трагите на храбрите срца“ од Емилија Матаничкова.

„Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција“, изјавија од Фондот.

 

 

Related Articles