Home » Под мотото „Реалноста не е доволна“ ќе се одржи 43.издание на ИФФК.Браќа Манаки

Под мотото „Реалноста не е доволна“ ќе се одржи 43.издание на ИФФК.Браќа Манаки

by culturalchat
Со филмот „Мајка и син“, француски филм во режија на Леонор Сераије, директорка на фотографија Елен Лувар, на 19 август свечено ќе биде отворено  43 издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Фестивалот оваа година ќе се одржува од 19 ти до 26 ти август, под мотото „Реалноста не е доволна“ и ќе изобилува со програми. Годинава има 14 играни филмови, 12 во кратката програма, тука е и документарната програма, студентската, мак корнер програмата. Оваа година на четириесет и третото издание на фестивалот, наградата Златна камера 300 за животен опус, оди во рацете на истакнатиот британско-дански кинематографер Ентони Дод Ментл. На денешната прес конференција се обрати директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Сименон Мони Дамевски, како и селекторите на програмите. Ентони Дод Ментл е пионер на дигиталната камера и е првиот оскаровец кој добил Оскар за филм снимен со дигитална камера. Селектор на главната фестивалска програма е Слаѓан Пенев. Во оваа програма има 14 филмови, од кои најголем дел доаѓаат од фестивалите во Кан, Берлин, Карлови Вари. Селектор на програмата за кратките филмови е Марија Апчевска. Тука фокусот е ставен на кратки филмови кои имаат извонредна фотографија, бидејќи кинематограферот е значаен за наративот на филмот. Селектирани се 12 филмови од целиот свет како и филмови од Македонија. Селектор на документарната програма е Кумјана Новакова, во оваа програма има 10 филмови од кои 70 проценти ги потпишуваат жени авторки. Селектор на студентската програма е Ѓорги Пулевски . Во истата има 18 филмови од 17 земји .Најдобриот кинематографер ќе добие Кристална камера 300. Селектор на офф програмата е Тодор Ивановски. Во Битола ќе има премиера на македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристевски, всушност со овој филм ќе се затвори годинешното фестивалско издание. Вториот македонски филм кој ќе се прикаже на главната фестивалска програма е „Мими”, режија на Даријан Пејовски. Во рамките на фестивалот кинематограферот Антоан Хеберле ќе одржи мастер клас. ИФФК.Браќа Манаки оваа година се одржува на три локации: во Центарот за култура, киното „Манаки“ и Офицерскиот дом – летна тераса во Битола. Наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, која ја доделува Друштвото на филмските работници и се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија во рамките на фестивалот, оваа година ќе биде постхумно доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија.  

Related Articles