Home » Пораки за прифаќање на себеси и сплотеност со Бог преку книгата на Силвана Илиевска

Пораки за прифаќање на себеси и сплотеност со Бог преку книгата на Силвана Илиевска

by culturalchat

„Вистината е стварноста таква каква што е, а не како субјективно ја доживуваме: Го гледаме она што сакаме да го гледаме, го слушаме само она што сакаме да го слушаме. Само кога сме со вистината се спознаваме и го оделуваме лажното од вистинитото во нашето условено јас.  Вистината се крие во нашите чувства, а не во размислувањата. Исус рекол – Глава на твоето слово е вистината. Вистината не разрешува од сите внатрешни и надворешни судири. Таа е помагателна и е патот кон животот. Вистината не спасува, ослободува и исцелува“.

Ова е дел од книгата на авторката Силвана Илиевска, која својата промоција ја доживеа во кафе бар Порта џез. Многубројните присутни, нејзини пријатели, колеги, имаа можност да чујат извадоци од првото дело на Илиевска, „Преку тунелот до светлината“,  кои беа прочитани од актерката Сандра Грибовска.

Илиевска е судивка во пензија и одлучи својата долгогодишна љубов кон пишаниот збор да ја сподели со нејзините најблиски. За книгата зборуваше и издавачот Илија Мерковски кој истакна дека авторката успеала преку својата книга да им порача на сите дека не треба да ја изгубиме вербата во Бог.

„Пораката е да ја најдеме љубовта во нас и да ја доживееме во себе. Да се засакаме и прифатиме себеси и да го пронајдеме Бог во нас. Пораката до младите е Светот е во Вас, а не Вие во светот. Само преку искусувањето на љубовта сме во симбиоза со светот и ја живееме сегашноста, зашто Бог е овде и сега“, ќе напише Илиевска.

Околу идејата за пишување на ова дело авторката ни рече:

С.И.-  Почетокот на спознавањето кај мене почна во двеилјадитата година, по смртта на татко ми со кого бев посебно поврзана. Одненадеж се роди кај мене потребата да се поврзам со друг авторитет и да одам во потрага кон Бог.  Книгите како порачани од космосот ми доаѓаа на работа, кои книги и ги обработував.

Во книгата се обработени повеќе теми, пред се истата е со религиозно филозофска содржина.

С.И.-  Насловот на книгата уште одамна тлееше во мене, а ја напишав како прво мое дело во еден здив, во ракопис три месеци од Пандемијата – од Март 2020 г.  Оваа книга преставува сублимат  на мои доживеани искуства и прочитани книги од табла област.

Во книгата обработени се темите кои се однесуваат на Егото, Верата, Љубовта, Спознавање преку себенабљудување, Будењето на свесноста, Духовните закони, Вистината, Мудроста, Слободата, Правдата.

За Егото во книгата се вели:

„Тоа се условено ментални емотивни образци кои се вградени во начинот како човек се доживува себеси. Его човекот, надворешниот свет го обликува.Тој сака да контролира, манипулира со луѓето и битно му е како истапува во надворешниот свет. Его човекот живее во минатото и иднината зашто му верува на умот и под туѓи маски. Не се сака себе си,  се смета за недоволно добар и затоа живее под маски. Тој живее за светот, се доживува како посебен идентитет и го порекнува Божјото во него. Тргнува од максимата – Јас во светот“.

Која е пораката што сакате да ја пратите преку книгата?

С.И.-  Ние сме го затскриле Бог. Бог ни е тајна, а всушност самите си сме тајна. Пораката е да ја најдеме љубовта во нас и да ја доживееме во себе. Да се засакаме и прифатиме себеси и да го пронајдеме Бог во нас. Пораката до младите е Светот е во Вас, а не Вие во светот. Само преку искусувањето на љубовта сме во симбиоза со светот и ја живееме сегашноста, зашто Бог е овде и сега. Тунелот е нашето несвесно Его со сите врзувања и зависности за нешто или за некој. Главната порака е – со примањето на Исус во нашите срца ја примаме и Божјата љубов. Така со Исус во нас и со нас се прифаќаме како Божја волја и живееме посмирен живот.

Што за Вас значи пишувањето?

С.И.-  Од секогаш сум имала афинитет кон пишуваниот збор. Преку пишувањето ги изразувам своите чуства, себе се пронаоѓам.

Илиевска ни истакна дека во подготовка се уште неколку дела.

За крај уште еден мал дел од книгата „Преку тунелот до светлината“:

„Љубовта не може да ја доживееме без во нас да ја откриеме вистината. Љубовта е во добрите мисли, добрите зборови, добрите чувства и однесувања. Во љубовта се надминуваат противречностите меѓу умот, срцето и душата. Во љубовта се е едно и тогаш сме една мисла, едно чувство и едно дело. Љубовта не треба само да се умува туку во пракса да се доживува.  Љубовта живее во сегашноста зашто Бог е овде и сега. Мирот е плодната точка на љубовта. Треба да немаме зла воља да судиме и да не бидеме озлобени. Љубовта бара промена наша од внатре во нашето срце и промена на доживувањето на себеси. Љубовта е НАЧЕЛО НА НАЧЕЛАТА. Во љубовта е мирот, во љубовта е мудроста и свесноста“.

Фотографии: Апла.

Related Articles