Home » Првата жена романописец од Македонија го прослави 90-тиот роденден

Првата жена романописец од Македонија го прослави 90-тиот роденден

by culturalchat
По повод 90-тиот роденден на првата жена романописец од Македонија, во Друштвото на писателите беше организирана манифестација за одбележување на истиот. На истата беше претставено творештвото на Драгица Најческа која е автор на романите „Пеперуга со натопени крилја“, „Друга мајка“ (за деца и млади), „Крстопати“, „Омраза – длабоко“, „Доживотна јамка“; збирките раскази „За глувчето, мачките, за мечките, рипчињата, зајачињата, лисичињата и … дечињата“ (раскази за најмалите) и „Раскази“; збирките поезија „Неспокој“, „Бранувања“, „Вратете ми го сонот“ и ,„И крв и смрт и надеж“, на „Избрани дела“ и др. На овој значаен јубилеј, за делото на Најческа  зборуваа Гоце Смилевски и Виолета Танчева-Златева. Извадоци од нејзиниот богат прозен и поетски опус интерпретираа Ања Митиќ и Александар Степанулески. Присутните, ги поздрави и роденденката Драгица Најческа. „Пеперуга со натопени крилја“ од писателката Драгица Најческа, објавен во 1969 година е прв роман во Македонија напишан од жена. „Се разбира дека сум горда на фактот што сум прва жена Македонка што напишала и објавила роман на македонски јазик, но уште поголемо значење има тоа што, во време на доминантно мажи автори, кои во тие години ги напишаа некои од најважните дела во македонската литература, се наметна и еден роман на жена писател“, истакна  писателката Најческа. Пред три години романот повторно се врати во живот, во издание на „Или-Или“. За својот роман Најческа ќе каже: „Пеперуга со натопени крилја“ се случи некако спонтано. Во тоа време бев постдипломка во Белград. Заминувањето во Белград одигра голема улога во моето литературно творештво. И поради контактите што ги имав со врвните српски писатели, и со сите настани во градот од многуте области на уметноста. Таму ги напишав и моите најубави песни, наречени од многумина мои колеги – антологиски, што ги објавив во мојата прва збирка поезија „Неспокој“. Истовремено продолжив и со пишувањето на расказите. Седнувајќи да го пишувам овој текст, мислев дека ќе заврши како расказ, но тој продолжуваше и продолжуваше. Ликовите во него сè повеќе се оформуваа, оживуваа. На крајот сфатив дека тој веќе добива формат на роман. Темата за првите романтични љубови, што најчесто траат многу кратко и поради тоа нанесуваат разочарување и преголема болка кај младите, посебно девојките, кои всушност се случуваат на најрана возраст, кога тие сè уште имаат идилична претстава за животот, долго ја носев во себе. Многу од родителите кај своите деца, сакајќи да ги заштитат од лошите луѓе и настани во секојдневниот живот, создаваат лажна слика за него. На оваа тема, често ми се надоврзуваше и размислата за неподготвеноста на младите луѓе за изборот на животниот сопатник, каде неретко се прави погрешна процена и потоа доаѓа разочарувањето. На крајот – каде да се најде излезот, посебно ако во таа брачна врска се создале и деца. Уште повеќе, ако во понатамошниот живот се сретне вистински саканиот човек, и ако се роди искрена взаемна љубов, која од непишаните закони на општеството е забранета и наидува на остра осуда“. Романот „Пеперуга со натопени крилја“ бил објавен со препорака од Блаже Конески. Претходно пак, во Белград, романот добива потврда дека е „интересен и искрено напишан, современо актуелен, има топли лирски пеjзажи и не се испушта од рака…“ од писателите Душан Костиќ и Бранко Ќопиќ. Откако Конески во 1967 година рецензијата ја испратил до „Мисла“ со непосреден предлог за објавување, поминаа уште две години до излегувањето на романот од печат. Во новото издание на романот се поместени и оригиналите на рецензиите на Блаже Конески, како во ракописна, така и во печатена форма. Воведот за ова издание го напишал проф. д-р Георги Сталев. Најческа во 1969 станува член на Друштвото на писатели на Македонија, а потоа била поканета заедно со дваесет и две најпознати поетеси од Југославија на Светскиот меѓународен конгрес на жени писателки од целиот свет, во Париз.

Related Articles