Home » Презентирана изложбата „Војна на ѕвездите и Македониум“ на Зоран Кардула

Презентирана изложбата „Војна на ѕвездите и Македониум“ на Зоран Кардула

by culturalchat
Изложбата „Војна на ѕвездите и Македониум“ на Зоран Кардула во Центарот за современа ликовна уметност во Прилеп предизвика  огромен интерес кај публиката на отворањето.
Вечерта на интерактивна трансформација, музичка инспирација, интергалактичка дискусија и мини-гастрономска модификација се одржи во просториите на ЦСЛУ-Прилеп, на 10ти Октомври.
На истата Зоран Кардула беше прогласен за прв витез на културата на ЦСЛУ за 2022 година.
„Витештво за култура се доделува за видни, поривни достигнувања во матичната дисциплина инкорпорирани во сродни, навидум неспоиви уметнички текови, а бидува при тоа и тивок навидум, јасен коментатор на општествено социјалните случувања во прилог на нови дострели, децентрализација на уметноста и заштита на локалното делување“, стои во прогласот за доделување на витешкиот медал.
Сите вљубеници на серијата „Војна на ѕвездите“,  уживаа во современите уметнички дела на Кардула пренесувајќи трансвременска енергија споена со современиот македонски  симбол во Крушево, споменикот Македониум.
„ Зоран Кардула не е само еден од најпозитивните современи македонски артисти, тој е дигитален архивар, дигитален патописец или на крушевски кажано – касела, од чија што работилница излегуваат работи кои што се многу важни  за она што го нарекуваме заедничка колективна меморија на локалната заедница, која што е многу важна за колективната културна меморија. Има неколку работи зошто мислам дека Кардула е заеднички уметнички артист архивар. Тој преку тоа што го работи не’ потсетува дека вчера на пример е роден Михајло Пупин, кој е тој, која е Милена Дравиќ…Тој ги доближува, ги реактуелизира хероите од времето на Југославија, асномската Македонија, како што се Вера Ацева, Елпида Караманди, 18 жени учеснички во Шпанската граѓанска војна, жените од  Дахау, и тој многу такви моменти заштитува од заборав “ посочи Звонко Димоски, уметнички критичар и модератор на настанот.
„ Адмирал Акбар, овој пат не е во право, ова не е стапица и империјата навистина го возвраќа ударот, бидејќи силата е во слогата на локалната заедница“, истакнаа од Центарот.
За силата да остане со нас, освен ЦСЛУ-Прилеп и витезот Кардула, се потрудија и Orengs со холограмите, Александар Џинго, Звонко Димоски, дуото ВолЧело, Трет Сектор и бродовите на Бавчика.

Related Articles