Home » Премиера на филмот со Сашко Коцев и Јелена Јованова „Нешто слатко“ во Словенија

Премиера на филмот со Сашко Коцев и Јелена Јованова „Нешто слатко“ во Словенија

by culturalchat

Македонските актери Сашко Коцев и Јелена Јованова се главните ѕвезди на словенечката комедија „Нешто слатко“ („Nekaj Sladkega“), чија светска премиера се одржа во киното Синеплекс во Љубљана, Словенија.

Коцев е копродуцент на филмот, а заедно со сценаристката Уршка Мајдич работеше и на сценариото. Јованова е копродуцент од Хрватскa. Филмот е во режија на ТВ-ѕвездата и стендап-актерот Тин Водопивец за кој Коцев истакна дека се долгогодишни пријатели и соработници со кого настапувале на повеќе стенд-ап настапи ширум регионот.

„ Уште прв пат кога се сретнавме сфативме дека имаме многу слична смисла за хумор и пристап кон хуморот, размислување, естетика и често си разменувавме филмови, посебно француски. И често ми вели дека му личам на стендап актерот Гад Елмале. Беше корона, и ми се јави да ми каже дека има сценарио и кога го прочитав веднаш сфатив дека за мене го напишал главниот лик. Ова е тешко да прифатам, да се сними, му реков, ако заедно го допишеме сценариото, да дојдам, нема проблем. Така и се случи, тоа беа прекрасни осум дена во Словенија. Заедно со Уршка го доработувавме. За жал мораше да претрпи многу промени поради ограничениот буџет. Доста инвеститори се откажаа, а филмот немаше пари од Словенечкиот центар за филм“ – вели Коцев за Умно.

Тој додава дека ова е филм за човековата прва и последна шанса во животот: светски познат маркетинг адвертајзер од Македонија, Аце, кој треба да стигне на еден настан во Словенија, никако да стигне. Ова е прв филм жанровска комедија за Коцев кој признава дека воопшто не било лесно да го направи.

Јелена ја глуми Каја. Улогата е првично напишана за Словенка, но поради краткото време што го имале за адаптација, избрале улогата да биде Хрватица која кратко време живее и работи во Љубљана.

„ За жал или моја среќа кандидатките кои биле повикани на кастинг нè „кликнале“ со ликот, жанрот и со Сашко како главен партнер. Кога во еден разговор паднале на муабет за мене бидејќи режисерот Тин ме планирал за друга улога, по препорака на Сашко наместо за споредна ме повикаа на кастинг за главната улогата. Така Каја ме најде мене. Таа е шармантно невротична, упорна и истрајна маркетинг-агентка која откако ќе изгуби скоро сè, се обидува со сите сили повторно да си го заузда животот! На патот кон целта да си го поврати интегритетот и кариерата наидува на нешто најслатко, на љубов“, раскажа Јованова за Умно.

Таа додава дека со Сашко било уживање да се работи. Филмот се снимаше во 2021 година среде пандемијата со коронавирусот. Во Македонија филмот доаѓа во април во киното „Синеплекс“.

Related Articles