Home » Промовирано реизданието на култната книга за деца „Бушава азбука“

Промовирано реизданието на култната книга за деца „Бушава азбука“

by culturalchat

Kултната книга за деца „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ конечно го доживеа своето реиздание, во рамки на едицијата за деца и млади на издавачката куќа Чудна шума. Промоцијата на реизданието на оригиналната сликовница од 1986, кое беше претставено првпат пред посетителите на овогодинешниот Саем на книга, се одржа во Култ парк (паркот пред КИЦ-Скопје).

Промотор беше книжевната критичарка и теоретичарка Александра Јуруковска, делови од книгата читаше актерката Тина Трпкоска, а свое обраќање до присутните имаше и главната уредничка на Чудна шума, писателката Билјана Црвенковска.

„Поминаа повеќе од 35 години откако беше создадена култната ТВ-серија за деца, а по неа и сликовницата ‘Бушава азбука’ на Горан Стефановски, со илустрации на Душан Петричиќ. Со ‘бушавите букви’ растеа генерации и генерации, учејќи го македонскиот јазик и скапоцените подзаборавени, архаични зборчиња кои се одраз на неповторливата македонска книжевност, култура и традиција. Конечно, во 2022 година, го доживуваме резиданието на оваа вредна книга, од која сега можат да читаат денешните мали „бушави глави“ и растат денешните, нови генерации, негувајќи го македонското културно наследство“, изјави главната уредничка на Чудна шума, писателката Билјана Црвенковска.

„Како повеќето од мојата генерација, јас сум голем љубител и почитувач на Бушава азбука и не ми беше јасно зошто сите овие години ја немаше да се купи. Се надевам дека со реиздавањето моите пријатели, кои сега имаат деца, ќе престанат да ме прашуваат како може да се најде книгата и зошто ја нема во книжарниците“, изјави синот на Горан Стефановски, Игор Стефановски.

Настанот беше во организација на Културно-информативниот центар во Скопје.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. Завршил студии по англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Студирал и драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1978-1986 е асистент по англиска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (работа на полето на англиските студии со посебен акцент на Шекспир и англиската драма). Од 1986-1998 е редовен професор по драматургија на Факултетот за драмски уметност во Скопје (работа на полето на креативното пишување и студии на драмските теории и модели).

Во литературата дебитира пред триесетина години со ТВ- играта „Клинч“ (1974). Оттогаш па се до нашиве дни се пројавува како плоден и атрактивен автор, главно во драмската уметност, врзувајќи и го своето и националното име за престижни и високи домашни и интернационални награди и признанија. Во орбитата на сеопштиот интерес се пробива со драмата „Диво месо“  Горан Стефановски е изведуван на сите македонски сцени. Почина на 27 ноември 2018 година.

Душан Петричиќ е српски илустратор и карикатурист. Има илустрирано бројни книги за деца, а неговите карикатури се појавуваат во реномирани магазини и дневни весници, од „Политика“ до „Њујорк тајмс”. По завршувањето на студиите на Академијата за применета уметност работи како карикатурист во „Вечерње новости” (1969-1993), а потоа се сели во Канада, од каде што работи со реномирани весници како што се „Њујорк тајмс”, „Вол стрит џорнал“ и „Торонто стар “. Од 2009 година почнува да подготвува карикатури за неделното издание на „Политика”, а во 2013 година се враќа во Белград. За неговите илустрации за деца, ја има добиено престижната награда – Почесен сертификат на IBBY (International Board of Books for Young People), како и Alberta Book Award и The Longitude Prize, наградата Levstik во Словенија и многу други.

Фотографии Културно информативен центар Скопје.

 

 

 

 

Related Articles