Home » Промовиран трејлерот за македонската серија Бистра вода

Промовиран трејлерот за македонската серија Бистра вода

by culturalchat
Деновиве официјално беше промовиран трејлерот за македонската крими драма серија „Бистра вода“, во режија и по сценарио на Јани Бојаџи. Се работи за целосно македонска продукција, на телевизија Алфа и „Синемон медија фактори“, а инспирирана од вистински настани.Трејлерот може да го погледнете на следниот линк: Во серијата има над 70 актери меѓу кои е речиси целиот крем на македонското актерство: Мони Дамевски, Деан Лилиќ, Јелена Жугиќ, Роберт Вељановски, Владо Јовановски, Александар Микиќ, Кети Дончевска-Илиќ, Маја Љутков, Зоран Љутков, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Ирена Илиевска. „ Очекуваме гледлива серија. Напорно е, но сепак љубовта кон филомот не тера да грабаме и да ствараме, овој производ ќе биде навистина извонреден“, истакна  Дејан Милошевски, извршен продуцент на серијата. Главниот лик во серијата е Александар, кој по 45 години се враќа во Македонија за да расчисти работи од минатото, но и да открие нешто за кое и самиот тој не е ни свесен. Повторното обединување на семејството, ќе биде поврзано со убиство. Затоа серијата е најавена како трилер со сериозни елементи на крими драма. Главниот лик го игра актерот Симеон Мони Дамевски. Проектот „Бистра вода“ е започнат пред 12 години како идеја на Љупчо Тодоровски – Упа, Мони Дамевски, Јани Бојаџи и Владимир Карпузовски, а е развиван и подготвуван последниве неколку години. Серијата, на некој начин, е меморија во чест на содружникот Љупчо Тодоровски – Упа (1956 – 2021), кој не го дочека снимањето, а улогата што првично требаше тој да ја игра, сега ја има неговиот најблизок колега и пријател, македонскиот докажан актер и продуцент Симеон Мони Дамевски. „ Приказната е поврзана со враќање назад во времето и откривање на мотивите зошто главниот лик си заминал од земјата пред 45 години, а притоа се открива и кој е убиецот во актуелниот миг. Станува збор за една мистерија која е спакувана во семејни рамки “, дообјасни Дамевски. Лајтмотив за серијата е народната песна „Бистра вода“, која со текот на годините имала повеќе модификации, но основата останала иста, а тоа е дека ја пеат жени. И приказната во серијата е поврзана со жените, со нивната мака, а во метафорична смисла – кога на човек му е бистра главата, полесно го наоѓа патот каде што треба да оди. Според филмската екипата, овој проект ќе придонесе да се тргне етикетата дека Македонците се некадарни и не знаат да направат домашен производ кој ќе не рефлектира точно онакви какви што сме. Серијата се снимаше на повеќе локации низ Македонија. Главната тема се тајните интриги на бизнисот, криминалот, високата политика – претставени низ призмата на две семејства и конфликт стар 45 години.

Related Articles