Home » Промоција на книгата „Емотивен талог“ на Ана Јовковска во Битола

Промоција на книгата „Емотивен талог“ на Ана Јовковска во Битола

by culturalchat

На 8-ми април, оваа сабота, реномираната писателка Ана Јовковска ќе ја промовира книгата „Емотивен талог“ во НУ. Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

Книгата е во издание на „Три”, а според авторот на поговорот Гоце Смилевски, таа произлегува од себезапрашаноста пред предизвиците на современото живеење и откривањето на сопствените стратегии за борба против сѐ што нѐ одвојува од нашата суштина.

Ова дело, како што посочува, е повик и поттик да се впуштиме во авантура на себеиспитување и себенадградување преку аналитички поглед во сопствениот емотивен талог.

Ана Јовковска е научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини.

Промоторската палка за Битола со полна доверба ѝ е предадена на актерката од Битолскиот театар Маја Андовска Илијевски (и актуелна директорка на Центарот за култура).

По четирите објавени книжевни дела, Јовковска сега ни се претставува со едно поинакво четиво, збирка од раскази, колумни и есеи именувани како „Емотивен талог”.

„Илустрирајќи ги своите лични доживувања, интимни искуства и длабоко почувствувани ситуации, таа ги преиспитува релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти (не)грижата за природата… но среде сето тоа, Јовковска гласно го поставува прашањето за среќата“, соопшти издавачката куќа.

„Не случајно, а неформално, ги вкрстуваме трите културни столбови во Битола (НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, НУ Народен Театар Битола и Центарот за култура) за да го вклучиме црвениот аларм за културата во другите градови“, изјавуваат од библиотеката.

Настанот е со почеток од 12 часот.

 

Related Articles