Home » Промоција на книгата ПОЗИТИВЕН (во услови на тотална светска депресија)

Промоција на книгата ПОЗИТИВЕН (во услови на тотална светска депресија)

Интервју со авторот Игор Трајковски Фоја

by culturalchat

„ Едвај чекам да се подружиме на наредниве страници. И не зафркавај без тебе ме нема мене. Штом застаниш со мислата, таму е и крајот на мојата.

Биди ми добар“.

Ова е пораката до читателите на авторот Игор Трајковски Фоја на самите почетоци на книгата ПОЗИТИВЕН (во услови на тотална светска депресија). Книгата е пишувана и третира теми поврзани со ковид пандемијата и секојдневното живеење во изминативе 2-3 години. Книгата не е типичен роман, туку амалгам од разни прозни техники, па дури се среќава и кратко филмско сценарио.

Пред самата промоција поразговаравме со авторот Трајковски, попознат како Фојата.

Колку време ја пишуваше книгата?

И.Т.- Книгата се пишува целиот живот, според еден познат сценарист за да се пишува добро, треба да се стекне богато животно искуство и постојано да се надградуваат техниките на пишување. Но проблемот е што тие две работи неможе да се постигнат истовремено. Попрецизно би рекол, дека е пишувана изминатите 3 години.

Што најмногу те инспирираше од Ковид периодот?

И.Т.- Едноставно пандемијата, начинот на живеење (изолацијата) она што е нужно за секој писател, беше наметнато како начин на кој мора сите да функционираат. Ковидот освен што создаде еден работен балон, ми навлезе безобразно дури и во мојот дом, впрочем како и во секое едно семејсто.

Кои ситуации ги опишуваш?

И.Т.- Безобразниот ковид свесни сме дека, се шмугна во многу брачни постели. Оваа книга, не е типичен роман туку е составена од повеќе текстови кои прават една наративна целина, но се различни по жанр, форма и структура па така ковидот освен што е во една позадина на целата книга, е дирекно поврзан со 3 текстови.

Во едниот се третираат ситуации и настани кога мојата сопруга беше позитивна, во вториот станува збор за моето тестирање и моето искуство заедно со синот Петар, а третиот текст е сценарио за краток филм баш за ситуација која ги поврзува предходните два текстови. Секако дека повеќе детали читателите ќе откријат сами, но поважно е уште да се спомене дека книгата е составена од два дела: прв дел Заедно на дното: антимотивациски прирачник за преживување на Балканот и втор дел Позитивен: (во услови на тотална светска депресија).

Трајковски истакнува дека во оваа книга постојано се обидува да комуницира со читателот.

И.Т.- Преку создавање на адекватни илустрации од страна на Иван коцка Јанчев и проткајување на истите низ текстот сметам дека создаваме еден наративен ритам кој нема да го остави читателот рамнодушен. Можам да кажам дека, писателите се проколнати да пишуваат и додека не излезе текстот од нив на хартија, тоа е нешто налик на болест, настинка или во случајот како да сте позитивен на корона, секој друга причина за пишување е само маска, оправдување или затскривање.

Па така откако ќе излезе текстот од вас, се чуствувате поинаков од предходно нити побогат, нити посиромашен, нити посилен нити послаб едноставно поинаков од она предходно “нормално” на кое сте навикнат.

Пред извесен период Фојата ја претстави пред љубителите на уметноста изложбата на фотографии “Иднина во минатото“. Тој е роден во Битола, автор е, фотограф, графички дизајнер и филмски сценарист. Во уметноста навлегува со комбинации на фотографија и уметничка графика. Негови графики се дел од повеќе изложби во земјата и Европа. Автор е на книгите „Кукла“ – 2010 (кратки раскази) и романот „Снежна Пустина“ – 2013.  Главен и одговорен уредник е на зборниците за литературна уметност: Колегиумски Записник 001 (2014); Колегиумски Записник 002 (2015); Колегиумски Записник 003 (2016); Collegium Enclosure (2017). Уредник на списанието „Магента“ кое од 2015 па наваму третира теми поврзани со уметноста посебно во Битола и регионот. Основач е на групата „Live Литературен Перформанс“, организатор е на фестивалот „300 работи, триста“ Фестивал за литература и аудио визуелни уметности. Добитник е на многубројни награди од областа на литературата меѓу кои: Прва награда за поетска творба на поетската манифестација „ПЛАНЕТОПИЈА 2019“;  Медал „Културен Центар Месопотамија – Белград“ 2020;  Специјална награда за поезија „ ГРАД ГАЛАТЕО-АНТОНИО ДЕ ФЕРАРИС“ – Меѓународен натпревар во Рим, Италија за песната „ТИ И ЈА“ (препев на српски јазик) 2020. Завршил Постдипломски студии на Филмската академија во Охрид – ИФФА (FIOFA).

Рецензенти на книгата се проф.д-р. Златко Жоглев и Гордана Такец, лектор Трајко Огненовски, илустрациите ги направи Иван Коцка Јанчев. Книгата е испечатена во Графо пром Битола, а издадена со поддршка на општина Битола во соработка со Латерал.

Промоцијата ќе се одржи на: 24 август (среда), во 21.00 часот, во РАДОСТ, како дел од ОФФ програмата на Меѓународниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки“ 2022 год.

Еве што вели писателот на крај:

„ Затоа ќе ве замолам сите заедно да мечтаеме за долго очекуваната иднина која ќе биде се поблиска до она блиското за нас „минато“.Мечта која ќе не однесе во место и време, во кое слободно ќе се движиме во толпа, социјалната дистанца ќе ја замениме со срдечна прегратка, време во кое само се пакуваме и можеме да отпатуваме на другиот крај на светот, за да сретнеме што повеќе нови лица.

Ајде заедно да мечтаме за „Иднина во минатото“ и да не заборавиме дека треба да направиме се за да останеме „позитивни“ па макар било тоа и во услови на тотална светска депресија“.

 

 

 

 

Related Articles