Home » Психологот Жанета Ристевска од Битола: Како се однесуваме, како изгледаме, како зборуваме така и воспитуваме

Психологот Жанета Ристевска од Битола: Како се однесуваме, како изгледаме, како зборуваме така и воспитуваме

by culturalchat

„Емоционална интелегенција подразбира способност да се сочуствува со другите луѓе, контрола на емоции, проценување да се создаваат добри социјални односи со другите и многу е важна за самореализацијата на една личност. Влијае на нашето однесување и нашиот став кон животот. Затоа е важно да се развие од најмала возраст“, вака го започна разговорот со нас Жанета Ристевска, лиценциран психолог во Оу „Св. Кирил и Методиј“ Битола, која за теми од психологијата, но и многу други пишува за порталот wwwbitolanews.mk.

Во врска со последните немили настани во Белград, но и Младеновац, се отвараат бројни теми, се поставуваат прашања. По тој повод разговаравме со неколку психолози од Битола, отворивме интересни теми, за кои и самите психолози велат дека е неопходно да се разговара. Ристевска неколку години ја проучува проблематика за воспитувањето на генерации кои растат со нови технологии, преку одржани голем број едукативни работилници, предавања истражување, објави на теми „Безбедно на Интернет“, „Влијанието на социјалните мрежи“, „Зависност од компјутерски игри“ , „Сајбернасилство, он-лајн насилството веќе е реален проблем“.

За опасностите од социјалните мрежи, колку и дали ги препознаваме, што значи добра комуникација помеѓу родителот и детето, совети до родителите за воспитувањето на децата, развивањето на емоционалната интелегенција и многу повеќе од разговорот со Ристевска.

Како би го коментирале случајот во Белград кој ја вознемири целокупната јавност?

Ж.Р.- Масакрот кој се случи деновиве во училиште во Белград е грозоморен чин во кој жртви се ученици. Училиштето како место за учење, постигање резултати, изразување на својата надареност, креативност, соработка меѓу ученици, со наставници, се оскврнави. Таму каде требаше да има безгрижни детски насмевки, шеги, дружење, сигурност, со овој чин стана место на смрт. Секој од нас, во шок и неверување. Како стручно лице секако дека се обидувам да го проанализирам случајот од своја струка, без да се  донесуваат заклучоци врз основа на недоволни  информации. За да не западнеме во замка да се шират дезинформации. Овој случај од соседството отвори многу прашања кои не засегаат сите и ние кои работиме со деца и тинејџери во образование. Родителите загрижени наоѓајќи се пред предизвик на воспитување на генерации кои растат со нови технологии. Цивилизациски скок за кој очигледно не сме ниту ментално, когнитивно и емотивно подготвени.

Неколку години ја проучувам оваа проблематика со одржани голем број едукативни работилници, предавања истражување, објави на теми „Безбедно на Интернет“, „Влијанието на социјалните мрежи“, „Зависност од компјутерски игри“ , „Сајбернасилство, он-лајн насилството веќе е реален проблем“.

Споменавте “Опасности кои демнат на социјалните мрежи и дезинформациите кои се шират“. Колку ние денес ги препознаваме?

Ж.Р.- Мораме да признаеме дека денешните деца т.н „Деца на технологија“ растат и се водени од медиуми: Компјутери, WIFI, Видео игри, Internet, ФБ и други Социјални мрежи, паметни телефони и многу подобро се снаоѓаат со овие технологии и многу поинформирани се и повешти од своите родители.

Многу деца и тинејџери многу повеќе време, енергија, страст вложуваат во медиуми и во ништо друго освен спиење. А и сонот е пореметен, со технологија до доцни саати. Тоа го покажуваат и резултатите од истражувања за поминатото време време на Интернет и социјалните мрежи.

Откако ќе превземеме „второстепена“ улога во очите на нашето дете, почнуваме да ја губиме нашата моќ, а културата што преовладува станува наша замена. Децата се посебно ранливи, а бидејќи се ранливи можат да бидат манипулирани. Тие веруваат во она што го гледаат најчесто без критичко мислење. Очигледно е дека се бомбардирани од преголем број информации, слики и видеа со сексуална содржина, алкохол, насилство, вулгарности и комерцијални содржини, со тоа тие всушност ги „тераат“ децата да пораснат многу побрзо од порано. Но тие иако се можеби повеќе информирани, знаат повеќе, емоционално заостануваат. Со ова го допираме и прашањето за емпатија. Каква би била емпатијата кон другите кога нема вистинска реална комуникација. На социјалните мрежи има и премногу содржини, информации но нема многу поддршка, има повеќе критикување, вулгарности и содржини кои носат сензационализам.

Децата и тинејџерите најчесто не можат да распознаат што е добро или лошо заради тоа што таа перцепција и поимање ја нарушуваат големиот број следачи или лајкови. Многу често и  според нив се вреднува и содржината.

Родителство т.н  Секундарно, е кога  Вие како родител имате „второстепена“ улога во очите на нашето дете,  ја губите вашата моќ, а културата што преовладува станува  замена. Или употребата на модерната технологија (мобилни телефони, Интернет..) ја оневозможуваат добрата комуникација меѓу родител- дете. Кои опасности се јавуваат од ова родителство?

Ж.Р.- Откако ќе превземеме „второстепена“ улога во очите на нашето дете, почнуваме да ја губиме нашата моќ, контролата во воспитување и насочување кон правилни вистински морални и етички вредности, а културата што преовладува станува наша замена. Вашето дете исто така станува ранливо на надворешни притисоци; поверојатно е дека ќе се потпре на некој друг освен на вас за да го води, и со тоа поголема е веројатноста да ги усвои туѓите вредности.

Твоето дете станува многу повеќе чувствително на некои други вредности од вашите сопствени вредности.Тие што му ги сервираат на социјалните мрежи. (Пример од последниот случај со К.К. приклучување кон групите или ФБ профили кои го поддржуваа насилникот, во овој случај сметајќи дека е жртва). Сите ние бараме некои објаснувања за ова.  Тоа е сигурно приклучување кон мислења на другите заради голем број лајкови, следачи или мислења спротивни од тие на родителите.

Порака до родителите:

Треба да разберете дека вие би требало да сте најсилното влијание и „инфлуенсер“ во водење на детето кон вредностите, ставовите и однесувањето. Исто така и да го заштитите од таквите влијанија. Намерно најдете начини да останете повеќе вклучени во животот на вашето дете. Во текот на следната недела, направете табела колку време вашето семејство навистина е вклучено во гледање телевизија, пишување пораки, играње видео игри и сурфање на мрежата. Распоредете ја вистинската количина на „приклучени“ навреме, а потоа создадете „свети семејни исклучени времиња“, како што се семејните оброци или одредени периоди во текот на денот. Објавете, објавувајте и зачувајте ги тие времиња. Потребно е да сте што повеќе вклучени во животот на своето дете. Социјалните мрежи изобилуваат со многу информации кои му се лесно достапни на децата без да се знае што е добро, а што лошо. Контролата од родителите на сите содржини на Интернет и социјалните мрежи мора да е ИМПЕРАТИВ, во современото живеење. Да ги заштитат од современите зависности на модерните технологии. Тоа ќе го направат со тоа што и тие ќе им покажат на децата како тоа се прави. Ако родителот поминува долго време со модерната технологија без да му посвети квалитетно време на своето дете, како ќе очекува неговото дете да посвети внимание. Во разговорите  родителот треба активно да комуницира со детето за да се види што прати и што е интерес на детето на социјалните мрежи. Кои се негови идоли таму?, Зошто?, Со кого комуницира? За кои цели му служи Интернетот?

Потоа треба да им се прекине следењето, на некои видови содржини кои имаат експлицитна содржина неприлагодена за возраста на детето. Треба да се разговара и дискутира за да им се објаснат на децата на правилен начин последиците од долго играње видео игри и поминување време со технологија.

Поттикнувајте ги децата на дружење со врсниците

Препораки: Најважно е да се направи прв исправен чекор веќе во предшколска возраст. Потребно е детето да разбере дека компјутерот е само еден од можните облици и начини на забава и дека се користи за многу други цели. За да се постигне тоа потребно е да му се овозможи на детето што повеќе време за  дружење со врсници и семејството. Детето треба да се поттикнува да оди на спорт и различни уметнички активности. Што повеќе детето доживува успех и возбуда и задоволство во реалниот живот тогаш помалку ќе  го компензира ова се низ компјутерските игри.

Како се однесуваме, како изгледаме, како зборуваме така и воспитуваме.

Ж.Р.- Проблемот се јавува ако времето со своето дете не се поминува вистински или квалитетно. Некои велат “детето има се, се добива скап телефон, патики, имаме сега куќа, и децата имаат своја соба, компјутер, ТВ и не сакаат да учат!? Не сакаат да учат затоа што се повеќе му допушташ, се повеќе се потпираш на неговата самозаштита и самоувид. И таа забрана на она што детето сака, а не разбира- нема што да се објаснува.

Во претходните години, се гледаа филмови во кои точно се знаеше кој е разбојник, а кој е добар а кој е лош. Како во бајките кога лошото секогаш го победува злото. Кој треба да се сака, а кој не треба. А, детето сака движење, акција, сака правда. Но, во сериите што се прикажуваат секоја вечер, на социјалните мрежи, не се знае повеќе кој е позитивен лик, а кој не е. При тоа негативците, насилниците понекогаш се многу „поинтересни“ шармантни и децата се идентификуваат со она што го гледаат. Исто така и на социјалните мрежи. Прикажување на пример на фудбалски натпревар, па како се тепаат навивачите! Зошто ние да го гледаме инцидентот? Тоа нека го гледа полицијата, а не таткото со детето кое навива за Ц. Звезда или Барселона на пример.

„Деталното истражување меѓу родителите и наставниците, укажува на широко распространето движење во денешните генерации на деца кои се емотивно полабилни од претходните. Овие деца се поосамени, подепресивни, погневни, понервозни, понеупатени, поимулсивни, поагресивни“, открива психологот Даниел Големан. Исто така  истакнува дека лекот за ова е подготовка на децата, младите за живот во насока на развивање на емоционална интелегенција.

Зошто е важно да се развие емоционалната интелегенција од најмала возраст?

Ж.Р.- Емоционалната интелегенција подразбира способност да се сочуствува со другите луѓе, контрола на емоции, проценување да се создаваат добри социјални односи со другите и многу е важна за самореализацијата на една личност. Влијае на нашето однесување и нашиот став кон животот.

Воспитување на машки и женски деца.

Многу родители во воспитувањето на машките деца, акцент ставаат на јакнење на самодовербата, бидејќи тие треба да бидат силни за улогите кои ги чекааат кога ќе пораснат. Така низ воспитувањето им зборуваат дека се силни, паметни и храбри. Сепак се занемарува онаа емотивна страна и емпатија која при воспитувањето на машките деца се загушува. Се смета дека тоа ги прави личности кои не можат да ги  распознаваат, изразат и објаснат своите чувства и емоции. Честа реченица која се користи во воспитувањето, а која забранува изразување на емоции е „биди храбар, машко си, не плачи, не се плаши од ништо…“.

Како да се справат децата, но и родителите со булингот?

Ж.Р.- Општеството не промовира здрава стратегија која ќе се осврне на бесот, лутината и конфликтот. Свесни сме, а и истражувањата покажуваат дека младите луѓе се под влијание на прикажување насилство во медиумите, насилство на Интернет, сајбер насилството на социјалните мрежи и насилството што тие го гледаат секој ден во општеството. Имено играњето на игрите кои се со насилни содржини, може да поттикне зголемена агресивност. Исто така доведено е во врска со опсесивно и зависничко однесување со некои симптоматични однесувања, насилство,промени во личноста, емоционална затупеност,хиперактивнст. Неспособност  за контрола на бес, лутина и гнев доведуваат до насилнички однесувања.Често некои родители низ воспитувањето им праќаат пораки „Ако те удри некој врати му и ти, немој да си глуп, будала…“ Овие несвесни пораки кажани во најдобра намера, за да го заштитат детето, може да доведат детето уште од најмала возраст од градинка, да се вклучува во конфликти и да покаже агресивност и без самото да сака. На  секоја провокација да влегува во конфликтни ситуации. Неодамнешни истражувања покажаа дека е зголемено меѓуврсничкото насилство низ училиштата. Не се обрнува внимание на контрола на лутина, бесот. Тука помага практикување на пораките:  „Изброј до 10, напушти ја ситуацијата на лутина и бес“. Ова може и да е една од причините за зголемено меѓуврсничко насилство низ училиштата. Затоа моја препорака би била Развивање на емоционална интелегенција од најмала возраст, најпрво во семејството. Потоа со воведување на Програми за развивање на истата во градинка и училиште со насочени активности според возраст. Препознавање на своите и чувствата на другите личности, развивање способност да се сочуствува со другите луѓе, контрола на емоции, проценување да се создаваат добри социјални односи со другите. Ова сигурно ќе придонесува за намалување на конфликтите и насилството.

Секако на ниво на држава системски да се воведат програми за намалување на меѓуврсничко насилство. Посебни обуки со служби, наставници за препознавање и справување со насилството. Да се ревидираат педагошките мерки кои се изрекуваат кога се направило меѓуврсничко насилство. Проблемите се комплексни и потребен е системски приод. Вклучување на училиштата со насочени програми за стручните служби, родители. На државно ниво да се превземат и  спроведат мерки за поголема безбедност во училиштата, и на социјалните мрежи.

 

Related Articles