Home » Психологот Нина Тасевска: Секојдневна, здрава комуникација со децата, секаде-дома, на училиште, на улица

Психологот Нина Тасевска: Секојдневна, здрава комуникација со децата, секаде-дома, на училиште, на улица

by culturalchat

„Родителот, семејството од раѓањето на детето е неговата прва, примарна средина на психо-физичко растење, развивање. Не случајно психоаналитичарите рекле дека за воспитување се најважни првите години од животот на детето. Но, воспитувањето е процес, трае цел живот, не застанува на шест или седум години. Околностите се менуваат, условите за живеење исто, социјалните трендови се модифицираат – родителот е во позиција сите овие промени да мора да ги следи будно и да го насочува детето“, вели психологот Нина Тасевска од Битола.

Во врска со последните немили настани во Белград, кога малолетник пукаше во училиште и уби и повреди поголем број деца и чуварот на училиштето, а потоа следниот ден се случи уште еден масакар во Младеновац, се отвараат бројни теми, се префрлува вината од еден на друг, се поставуваат прашања. По тој повод разговаравме со неколку психолози од Битола, првата од нив Нина Тасевска, психолог во Државното музичко училиште во Битола.

Изминатиот период беше вклучена во неколку работилници, а последниот проект во училиштето каде таа беше координатор на тимот , „ Стоп насилство, стоп молк“, отвори бројни теми. Тоа беше плус причина да поразговараме со неа.

„ Крајно  време е да се освестиме за некои работи и од корен да ги смениме“, вели во интервјуто за нашиот портал Тасевска.

Како би го коментирале случајот во Белград кој ја вознемири целата јавност?

Н.Т.- Грозоморните случки, трагедиите во Белград се вознемирувачки за нас од аспект на близината на местото каде се случи. Трагедии од овој тип за жал, секојдневно се случуваат во светот. Но, излегува како светот за нас да е Балканот, Македонија – тоа ни кажува колку сме ограничени и затворени како општество, а и несвесни за проблемот дури не ни се случи пред очи. Алармот е подолго време вклучен со низа настани кои за среќа не резултираа фатално, но се фатални  по менталното здравје на младите, тука во нашата држава.

Еволуцијата си го прави своето, кулминацијата ја достигнавме, почна распаѓање, деградација. Крајно  време е да се освестиме за некои работи и од корен да ги смениме.

Што да се направи во случај на булинг?

Н.Т.- Булингот, одн. врсничкото насилство постоело од секогаш. Облиците на насилство се само “збогатени” со напредокот на технологијата и потикнати во поголема мера од општествениот хаос во секоја сфера. Решението е во секојдневната, здрава комуникација со децата, секаде. Дома, на училиште, на улица. Но, сите случувања – сиромаштија, војни, пандемии не ни дава простор да се занимаваме со суштината, најважното, децата. Во трка сме со илјада нешта во текот на денот, животот, да се преживее, да заработиш, да се  себеоствариш. Животот стана врвулица. Вака нема да дотераме далеку.

И тогаш најлесно ни е  да ги  отфрлиме, поттурниме “чудните”, тивките или агресивните деца, и да се каже за нив е крив родителот, наставникот или такви се родени. Немаме “нерви”, немаме време. Грешно, погубно. Вистинскиот начин е да им се пристапи и да се открие причината за таквото однесување на потенцијалните насилници. Од тука почнува се’. Тие се примарните жртви.

Да се забележи, да се пријави – стручните служби и наставниците се одговорни во училиштата,  родителите, групата на врсници со кои се дружи таквото дете – сите имаат еднакво важна улога. Ако се скини тој ланец на комуникација во било кој дел, постои опасност од забегување во грешен правец. Дури потоа се вклучуваат надлежните институции, по потреба, зависно од тежината на насилството, проблемот. Ние реагираме дури тогаш кога детето станува насилник и напаѓа жртви. Дури и тогаш жртвите се оние со кои единствено се работи, а насилникот е општествен натрапник и пак е отфрлен, занемарен. И пак се вртиме во круг.

Тука грешиме. Насилството, малтретирањето од аспект на насилник често  е повик за внимание.

Кој би бил Ваш совет до родителите во врска со воспитувањето денес?

Н.Т.- Родителот, семејството од раѓањето на детето е неговата прва, примарна средина на психо-физичко растење, развивање. Не случајно психоаналитичарите рекле дека за воспитување се најважни првите години од животот на детето. Но, воспитувањето е процес, трае цел живот, не застанува на шест или седум години. Околностите се менуваат, условите за живеење исто, социјалните трендови се модифицираат – родителот е во позиција сите овие промени да мора да ги следи будно и да го насочува детето.

Но, и покрај едуцираноста, потребата на родителите да направат најдобро за своето чедо, работите забегуваат точно поради тие трендови кои ги споменав.

И тука се наметнува дилемата – да го воспитувам детето како што знам, како што треба или да се покорам на средината бидејќи ако не е во тек со модерните случувања ќе биде “црна овца”. Тука не сме моќни како родители. Тука ни треба помош од општеството – воведување правила, закони за превенција, забрана на социјални мрежи до одредена возраст итн. Така нашите индивидуални разлики и стилови на воспитување како родители нема да се клучни – истото ќе важи за сите, и ќе мора да се почитува. Ќе има ред. Ваква пракса има, постои во светот и е правилна. Нема да се споредуваат врсниците, да се натпреваруваат кој има повеќе, помалку – кој е поактуелен на интеренет, попопуларен. Тогаш, можеби ќе имаме сите пореален увид за капацитетот, способностите, потенцијалот на секое дете, и ќе се обидеме да го насочиме да твори, креира, да се пројави во било која активност соодветна за возраста и можностите на детето. Вака, сега  сме во трка по материјалното, надворешното, вештачкото. Ни треба освестување, ни требаат промени, години наназад, штета што се отрезнуваме само кога се случуваат трагедии.

Колку според Вас Тик Ток и сличните платформи делуваат на ваквите случаи?

Н.Т.- Споменав во повеќе наврати  – се’ делува. Не е едно, за жал, па да го искорениме, па да се донесат во ред работите. За социјалните мрежи, платформите зборував погоре. Проблемот е во претераната конзумација на истите, зависноста од Фејсбук, Тик Ток и многу други. Самите по себе не ги прават проблемите, првичната идеја, намената им била друга, но за жал луѓето се тука многу креативни и нашле катастрофални можности за примена, користење – злоупотреба. Бидејќи контролата е изгубена, а данокот на тоа го плаќаме, повикувам најотворено соодветните институции да го запечатат тоа што ние не можеме одн. не сакаме. Секоја чест на исклучоците кои ја имаат контролата во своите раце и успеваат да се справат, но за мнозинството баш е “кул” да имаш сто профили, да си постојано актуелен, баран, посакуван. Изместени вредности. Обвивката е поважна од содржината.

После немилите настани во Србија, се отвара прашањето: оружје дома да или не? Кој е Вашиот став во врска со ова прашање?

Н.Т.- Специфично е да се зборува за оружје, пак ќе кажам нештата сами по себе се ништо. Предмети. И ножот и секирата можат да се употребат како оружје, ги имаме сите дома. Човекот ја “оплеменува” нивната употреба. Дали, каде, зошто огнено оружје се прашања за луѓе од други сфери. Каква е личноста што користи, поседува оружје, која е целта на чувањето оружје дома, кој има пристап до него, од каде идејата за несоодветна употреба, од каде потекнува агресијата која оди до патолошка потреба да посегнам по нечиј живот –  е она што нас не’ интересира.

Не мора употребата на оружјето да е  намерна, има и многу несреќни случаи – немарност, незнаење за користење оружје.

Оружјето е нужно зло, за жал. Ако се прашувам јас, лично, мојот став е утописки – воопшто не би требало да постои никаде. Сите проблеми и конфликти се решаваат, има начини, а да не се употреби агресија –  човекот се’ уште важи за “најсовршено” суштество, нели? – што е контрадикторно со моментот на  умствен примитивизам кој го гледаме – оружјето дава сила, дава чувство на моќ ?! Имам надеж дека цело човештво, по некое време ќе се освести за тоа каде одиме одн. каде забегавме. Само да не  испадне и за ова како и за се’ друго “секое чудо за три дена”.

Порака: Многу се коментира зборува деновиве, напади од типот овој е крив, оној е крив, се бара вина во секој еден за сите случувања деновиве. Се прават сензационални изјави, наслови, натписи и секој сака нешто да каже. Ако, ни треба!

Но, сакам да порачам нешто до сите млади, возрасни, сите –  на крајот на денот направете го ова : Тргнете го прстот од другиот, вперете го кон себе! Што вие правите или не, секојдневно, за вашите деца, ученици, пријатели, познаници?!

 

 

Related Articles