Home » Се одржа Велигденскиот концерт на „Танец“

Се одржа Велигденскиот концерт на „Танец“

by culturalchat

Националната установа Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“,  и оваа година ја започна концертната сезона со традиционалниот Велигденски концерт. Овојпат, настанот носеше една посебност, а тоа е програмата посветена на музичките партитури од кореографскиот опус на прерано починатиот првенец на „Танец“, Милан Завков .

Програмата на овој концерт во Македонската опера и балет, целосно беше посветена на музиката на Завков, кој ја создаваше за својата матична институција. На репертоарот беа неговите познати кореографии „Беломорски бисер“, „На мегдан“ и „Охридски игри“, кои тој ги создаде заедно со својот долгогодишен колега, играорецот и кореограф Симеон Чулев, како и кореографијата „Копачија“, која е производ на соработката на Завков со кореографот Стојче Каранфилов. На концертот беа изведени и повеќе вокално-инструментални точки и од неколку други кореографски постановки, како „Сербез Донка“, „Кумановка“, „Прилепски игри“, „Битолски игри“, на кои стои потписот на големиот музички автор, композитор и аранжер, инструменталист, првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на Танец, Милан Завков. Како специјален гостин настапи и Сузана Спасовска.

Завков бил вљубен во музиката од најраното детство. Свирел на хармоника од осумгодишна возраст, а веќе на 14 години станува член на оркестарот на тогашниот “Млад Танец”. многу важен дел од неговиот музички корпус е делувањето во ансамблот за народни игри и песни “Танец”, каде што уште како младинец, потоа и како надворешен соработник, а од 2000-та година и како редовно вработен музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, остварува бројни концерти и турнеи во земјата и светот, создава вредни музички партитури и каде со својата неприкосновеност, трајно се втиснува во аналите на музичко-сценскиот фолклор, но и во целокупната македонска музичка историја.

ТАНЕЦ е основан пред 74 години како плод на една поширока културно-уметничка активност којашто се разви во земјата по ослободувањето, како резултат на органската потреба на македонската култура за таков вид на делување. ТАНЕЦ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ.

ТАНЕЦ, име што го симболизира македонскиот народен танц (оро), е амбасадор на македонската народна уметност и култура низ целиот свет. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот неуморно ја шири убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа. Првиот концерт се одржал на на 24 јуни 1950-та година во тогашниот Македонски народен театар, во еден величествен амбиент, наградени со одушевеност и аплаузи и од публиката и од критиката. После само еден месец од премиерниот концерт пред своите, следува и првото меѓународно претставување. „Тешкото“ и Големата награда во Ланголен.

Оттогаш, па наваму сè е веќе историја. 74 блескави години, време проткаено со илјадници концерти, антологиски кореографски поставки, недобројни успеси, милионски аудиториуми, бројни награди… Танец секогаш свој, врвен, еден и единствен! Наша непобитност и непроценливо богатство што треба да го чуваме за сите идни генерации, како аманет од сите минати генерации.

 

Related Articles