Home » Со „Декамерон“ одбележан роденденот на Прилепскиот театар

Со „Декамерон“ одбележан роденденот на Прилепскиот театар

by culturalchat
Со изведбата на претставата “Декамерон”,во режија на Мартин Кочовски, се одбележа  73 годишното постоење на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Драматизацијата на претставата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, за музиката е задолжен оркестарот на театар „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, додека вокал и музички соработник е Ана Митоска. Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски – Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов. „Декамерон“ е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта“, рече  режисерот Мартин Кочовски, потенцирајќи дека претставата е полна со живот и додаде:„Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста“. Првата претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ е „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, изиграна на 18 февруари во 1950 година. Оттогаш, различните генерации актери, ределе премиери една по друга, нижеле успеси, а ансамблот се збогатувал со искуство. Денес, повторно, заради пензионирање на четворица актери, има недостиг од актери. На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ досега се изведени околу 370 премиери, изиграни над 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Најгледани и најиграни претстави во 73-годишното постоење се „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски и „Од кол на кол“, исто во режија на Коле Ангеловски, играни над стотина пати. Театарот изведувал праизведби на текстови од македонски драмски автори. Првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Петар Петрески, или околу 140 автори. Најмногу се играни драмски дела од  Васил Иљоски, Коле Чашуле, Миле Попоски, Брешан, Благоја Ристески Платнар, Голдони, Гогољ, Њушиќ. Преполна сала, многу емоции ,за 73 -тиот роденден на Прилепскиот театар,  а заслужени признанија добија и актерите Андон Јованоски, Марјан Чакмакоски, Цветанка Чавлеска, Најдо Тодески и реквизитерот Гоце Наумоски кои заминаа во пензија.

Related Articles