Home » Со куклената работилница на Марјан Георгиевски започна Битолино

Со куклената работилница на Марјан Георгиевски започна Битолино

by culturalchat

Со театарската работилница за изработка на кукли од разни материјали под раководство на актерот Марјан Георгиевски, во Офицерскиот дом во Битола, започна 11-то издание на ИДТФ.Битолино. Со работилницата се продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик организаторите ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Театарската работилница за изработка на кукли ќе се одржува и наредните два денови, односно ќе претставува еден експресно брз процес за создавање на куклена претстава во која куклите раководени од самите деца учесници на работилницата ќе оживеат на сцената во една кратка куклена претстава која ќе се одигра пред публиката на последниот ден од Фестивалот.

​„Покрај дружењето и развивањето на креативноста кај децата основната цел на оваа театарска работилница е што повеќе деца да успееме да ги заразиме со магијата на театарот и на тој начин да започнеме да создаваме нови театарски потковани генерации кои ќе бидат идната публика со високи театарски критериуми“, истакнаа организаторите на фестивалот, Бабец театар Битола.

11то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ оваа година се одржува под мотото „Per astera ad astra(Патот до ѕвездите е трнлив) и истото  за прв пат се одржува во еден нов формат односно претставите ќе се одиграат под отворено небо, на две сцени, на платото на Офицерски дом, дел од Културен и информативен центар во Битола. Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ а од оваа година, после 10 успешно реализирани изданија, стана дел од Годишната програма за култура на Општина Битола и Битфест 2022.

Првата изведба на претстава е во петок, 5-ти август, со почеток од 19.30 часот, на платото пред Офицерскиот дом. Се работи за претставата „Јас Македонија“ во изведба на Театарската школа Бабец.

 

Related Articles