Home » Со „Монистра“ и „Плантек“ се отвори 16.издание на Локум фест

Со „Монистра“ и „Плантек“ се отвори 16.издание на Локум фест

by culturalchat

Со концертот на етно групата „Монистра“ на платото пред Офицерскиот дом во Битола започна 16 издание на „Локум фест – музика и традиција 2022“, кој е дел од програмата на БИТ ФЕСТ. Фестивалот продолжи со „Плантек“ од Бретања, Франција, чија музика е спој на традиционална и електронска музика.

Монистра оваа година одбележуваат 20 години постоење.

Вечерва, на истата локација беше промовиран ладино албумот „Монастир“ на американката Сара Ароесте, посветен на Битола, со музичари од Израел и Македонија. Вечерта заврши со играње и пеење на балканска музика со познатата хрватско-шведско-македонската група „Афион“.

Дел од фестивалот ќе се одржи во Старата битолска чаршија каде се предвидени работилници за музичко новинарство и промоција на магазинот „Етноумље“, со гостите од Србија, како и Саем на ракототворби со ЗУР „Македонски ракотоворби“ и изложбата подготвена од партнерите Државен архив – одделение Битола, насловена како „Данабаш низ архивскиот материјал – Раскошот и проклетството“. Во музичкиот дел ќе настапи и пензионерското пеачко друштво „Сирма Војвода“ од Битола, тајфата „Антико“ и специјалните гости ,  џипси – ска бендот „Gipsy Groove“.

Локум фест е првата фестивалска манифестација во Македонија која својот зародиш го има во Старата битолска чаршија, како обид да се сврти вниманието кон неа. Битолската чаршија синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам, за кафе со локум како синоним за средба. А таа со години се празни, а објектите ги јаде времето. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, сè повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото. Оттаму и е мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство.

Музичкиот концепт е јасен во својата намера пред се да промовира македонски ансамбли кои негуваат стилови на традиционална музика за што сведочи долгата листа на досегашни учесници како: ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, БАКЛАВА, ЉУБОЈНА, Тони Китановски и ЧЕРКЕЗИ, Кинг Наат Велинов и ОРИГИНАЛ КОЧАНИ ОРКЕСТАР, легендарната Вања Лазарова, Драган и Ратко Даутовски, Влатко Стефановски…Од региониот на „Локум фест“ досега настапиле бројни ансамбли од етно-фјужн музиката од Унгарија Полска,Словенија, Србија, Хрватска, Албанија, Грција, додека светските имиња доаѓаат од Индија, Египет, Јапонија, Бразил, Данска, Шведска, Финска и други земји. Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест -музика и традиција“ ја следи иницијалната идеја која се потпира на потребата да ја зачува традицијата и Чаршијата.

Related Articles