Home » Со Оливие Самуилан од Франција, Fanfara station и Сашо Поповски квартет се затвора 5. Џез фактори фестивал

Со Оливие Самуилан од Франција, Fanfara station и Сашо Поповски квартет се затвора 5. Џез фактори фестивал

by culturalchat

Оливие Самуилан од Франција и Сашо Поповски квартет од Македонија на сцената во Битолскиот театар, ќе го затворат 5.јубилејно издание на Џез фактори фестивалот. Самулиан е музичар на светот: дипломирал на музичкиот колеџ Беркли во Бостон, тој е виолинист, композитор и мултиинструменталист. Компонирал бројни дела за кино и телевизија, а поседува и издавачка куќа и компанијата Art Melodies, специјализирана за музика за визуелни изданија.

„ Овој меѓународен џезер веќе има вложено многу во македонскиот џез и затоа ни е големо задоволство што ќе ни се приклучи на 9 јули за да додаде малку авангарда во нашите животи“, ни изјави директорот на Џез фактори, Сашо Поповски.

Денес слушнете го и квартетот на кој не му треба посебно претставување, во кој Сашо Поповски свири заедно со Кирил Кузманов на алт саксофон и флејта, Иван Бејков на контрабас и Виктор Филиповски на тапани.

Овој домашен музичар од светски рангови ви е веќе добро познат – таткото на Џез фабрика фестивал, неуморниот борец за покултурна македонска музичка сцена и еден од нашите најактивни претставници надвор од земјата, Сашо Поповски и неговиот квартет. Самиот квартет е составен од докажани имиња на македонската џез сцена – секој од нив со веќе плодна кариера зад себе (секако и пред себе).

Поповски е музичар и професор со обемно резиме кој досега соработувал со бројни имиња на домашната и меѓународната сцена, а чија музика открива една сосема поинаква слика на ептен таман дозирани модерност и традиција – што го прави призвукот на квартетот мошне уникатен.

Покрај низ денес настапуваат и FANFARA STATION од Италија.

Во делот на оф програмата на Џез Фабрика се вклучени и клубовите во Битола: Порта Џез, Камарите и Bourbon street, со што фестивалот го доближуваат до поширока публика.

Па така во Порта Џез денес со свој диџеј сет ќе се претстави музичкиот продуцент и автор, Б. БОЈ, Јордан Николов. Активен од раните 90-ти, кога на забавите владееја олд-скул носачите на звук: винил плочи, аудио касети, па и компакт дискови. Лидер на електронската сцена во градот, со главен фокус на хип-хоп и електро-џез, како и модерни стилови во духот на корените на џезот.

И оваа година ќе биде доделена наградата “Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2021 во соработка со Општина Битола, која оди во рацете на Александар Бошков.

За изминатите 4 години фестивалот имаше над 2000 луѓе во публика, минатата година за прв пат беше распродадена цела сала за концертот на Васил Хаџиманов Трио, се промовираа 14 изданија на Македонски џез музичари, а на сцена беа најголемите регионални звезди како: Теодосиј Спасов (Бугарија), Јотис Курцоглу (Грција), Наташа Роџерс (Франција), Арменд Џафери (Косово), Гент Руши (Албанија), Васил Хаџиманов (Србија), Тони Китановски (МК) и други.

 

Related Articles