Home » Со премиерата на „Дон Жуан“ на Андреј Цветановски одбележан роденденот на театарот во Вршац

Со премиерата на „Дон Жуан“ на Андреј Цветановски одбележан роденденот на театарот во Вршац

by culturalchat

Најновата премиера на режисерот Андреј Цветановски беше изведена во Вршац, во театарот „Стерија“.Се работи за претставата „Дон Жуан“ на Молиер со која премиера театарот во Вршац го одбележа и својот 78 ми роденден, за што Цветановски изрази големо задоволство од соработката.

ВД. директорката на театарот Снежана Удички за претставата истакна дека ќе ги надмине очекувањата на театарската публика во Вршац и пошироко во сите домени, нагласувајќи дека „амбициите во моментов се насочени кон тоа овој театар да стане еден од најдобрите со овој вид во земјата но и пошироко“.

Оваа претстава доаѓа на сцената на Народниот театар „Стерија“ преку интерпретацијата на македонскиот режисер Андреј Цветановски, во чиј опус доминира класичната светска драматургија, како и делата на македонските автори, со режисерска естетика која е визуелна и со намерата да се создаде ново читање на класичната приказна. „Дон Жуан“ е приказна која е инспирација за многу светски уметници и основа за многу светски дела. Големиот заводник и неговите авантури низ делата на Молиер станаа светска класика која сите ги интересира на различен начин.

Во оваа интерпретација на исконското дело, режисерот се движеше по линијата на човечката страна на Дон Жуан, барајќи го потеклото на неговата природа. На сцената публиката е сведок на деконструкција на митот за големиот заводник, причините за неговото непочитување кон сето она што го имаат другите луѓе, наоѓајќи ги во односот со неговиот татко. Токму тој однос ја создава сликата на млад човек кој го носи целиот овој пркос кон општеството како целина.

„Преку амалгамот на слики и авантури и во контраст со неговиот верен слуга Зганарел и се што е во главата на главниот лик, добиваме трагикомедија на ликот и дејствијата на Дон Жуан“, посочува Цветановски, кој беше следен во режисерската идеја од Сергеј Светозарев, сценографот, музиката е на Димитар Андоновски, Софија Лучиќ е костимограф.

Улогата на Дон Жуан му беше доверена на младиот актер Милош Ѓуровиќ, додека гостинот Милош Лазиќ, добитник на наградата за актерство на Стерија,  ја толкува улогата на слугата на Дон Жуан, Зганарело. Сопругата на Дон Жуан, Елвира,  ја толкува актерката Јована Божиќ од Вршац, а селанките од бескрајниот ред на заведени и измамени жени, Матурина и Шарлот, ги играат Вања Радошевиќ и Марија Пантин/Јована Андрејевиќ-Грујиќ. Предраг Грујиќ ја толкува улогата на селанецот Пјеро и братот на Елвира, Дон Карлос, додека Срѓан Радивојевиќ  ја игра улогата на таткото на Дон Жуан, Дон Луи. Иван Ѓорѓевиќ  ја игра улогата на Дон Алонсо, другиот брат на Елвира и трговец Диманш.

По премиерата беа доделени годишните награди на најистакнатите работници на Народниот театар „Стерија“.

Фотографии: Театар „Стерија“, Вршац.

 

Related Articles