Home » Со фестивалскиот оган и химна и настапот на италијанските тенори започна 62.издание на„Охридско лето“

Со фестивалскиот оган и химна и настапот на италијанските тенори започна 62.издание на„Охридско лето“

by culturalchat

Шеесет и второто фестивалско издание беше отворено со грандиозен концерт на четворицата италијански тенори Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од Оркестарот на Македонската опера и балет. По традиција, истото беше проследено со интонирање на фестивалската химна, палење на фестивалскиот оган и богат огномет над охридското небо.

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, покровителот на „Охридско лето“, претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, рече:

„Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика. По две години, во коишто пандемијата оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, „Охридско лето“, со квалитетна понуда на музички и на сценски настани се враќа на достоинствен начин, којшто и единствено му прилега. Од особено значење е што се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика. Им благодариме на уметниците што му даваат смисла на нашето постоење“.

„Охридско лето“, репрезент на македонската култура и уметност го носи приматот како најзначајна музичко-сценска манифестација благодарение на огромната поддршка од Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во своето обраќање истакна:„Охридско лето“ е благослов. Создадено   од   стравопочитна далга на уметнички   емоции преку кои се роди далековидо „големо и нешто што ќе трае“. А се роди во врвната акустика на Света Софија, преку ехото на Самуиловата тврдина, за да трае и во овој Антички тетар покриен од пластови македонска историја, културно богатство чие откопување почна пред 45 години. Нема педа од македонската земја под која нема  запис од цивилизациите, од вековите, однашето минато, од нашиот историски и културен идентитет. И врнело и грмело, и ниту уметниците ниту публиката ги напуштале сцената и столчињата. Такво е „Охридско лето“. Секоја година сè подлабоко во нашите срца, секоја година сè повисоко во дострелите и сè подалеку со добриот глас.И се издигна „Охридско лето“ во врвен културен настан, достоен за светско внимание. Фестивалот е   потврда   за   нашиот идентитет и  потврда   дека   сме дел од   европската култура“.На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, како и директорката на центарот за култура во Битола, Маја Андоновска Илијевски и модниот дизајнер Андреј Папаз Ѓорѓиевски.

Во уметничката порака што на отворањето ја пренесе композиторот и оперски пејач Горан Начевски истакна дека фестивалот Охридско лето е дел од душата на секој македонски уметник. Привилегија е, додаде тој, да се настапува на истата сцена на која настапиле многу врвни светски имиња.

„Искрено за мене како композитор и оперски пејач би било полесно да ја испратам уметничката порака во форма на соната, симфонија, опера или преку настап на концерт. Но вечерва таа нека ги содржи зборовите кои се синоним за уметниците, љубов, радост, спокој, разбирање, копнеж, пожртвуваност, решителност, упорност, поддршка, инспирација среќа, пријателства, насмевки, и конечно мир во светот без кој човештвото нема иднина, како и достоинствен живот на сите овде“.

Богатата историја на Охридско лето, од далечната 1961 година, започна благодарение на уметничката интуиција и творечката иницијатива на истакнатата вокална солистка Ана Липша-Тофовиќ која го одржа историскиот концерт под сводовите на прекрасната Света Софија.

На фестивалската сцена на „Охридско лето“ изминативе 62 години одржани се над три илјади приредби со повеќе од 50 илјади уметници од сите страни на светот, возбудливи изданија следени од милионска публика. Тоа е потврда дека Фестивалот по својата единственост, уникатност и неповторливост е еден од столбовите на македонската културна традиција. На годинешното 62-ро издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Фестивалот ќе трае до 20 август, а на фестивалските сцени ќе бидат над 1000 уметници од 25 земји.

 

Related Articles