Home » Успешна премиера на „Кајмак“ во Белград

Успешна премиера на „Кајмак“ во Белград

by culturalchat

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски по премиерата во Португалија, имаше премиера на Белград на Меѓународниот филмски фестивал „Фест“. Истиот го претставија актерите Сара Климовска, Александар Микиќ, Филип Трајковиќ и Ана Стојановска. Заедно со Камка Тоциновски и Симона Спировска ги толкуваат главните ликови вклучени во два љубовни триаголници. Ова е филм за потрагата по личната слобода, за љубовта и за сето она што луѓето се подготвени да го направат во име на љубовта, едногласни се актерите.

„Приказната е и ужасно болна и смешна во исто време. Сите ликови се сочни со многу интересни внатрешни животи, иако, очигледно, се обични луѓе“ – рече Ана Стојановска на прес конференцијата во Белград.Повеќето од актерите веќе имаат работено со Милчо: Сара во филмот „Врба“, Ана во „Мајки“ и Александар во „Пред дождот“. „Манчевски е идеален режисер“, велат тие.

„Со него секогаш има подготовки каде што ги прецизираме улогите, за да можеме да си играме на сетот. Тој секогаш ја избира најдобрата рамка за актерот, која е скапоцена. Ваквата доверба во режисерот е многу важна “објасни Сара Климовска.Филмот ја имаше светската премиера во Токио.„Таму е тотално различна култура, публиката најмногу сака хорор филмови, тоа е јапонската естетика. Со овој филм во нивната хармонија внесовме тотално лудило. Беа фасцинирани од нашата култура и нашиот хаос“ – изјавија Сара и Ана.Милчо Манчевски не беше присутен на ФЕСТ затоа што е во Њујорк, но ветил дека ќе дојде во Белград на крајот на април, кога филмот ќе започне со кино дистрибуција.

Тој и претходно беше дел од овој фестивал имено. Филмот „Мајки“, во 2011 година ја освои специјална награда на жирито „Небојша Ѓукелиќ“ на ФЕСТ, а во 2020 „Врба“ беше прикажан во главната конкуренција, проследен со огромен интерес кај публиката. Со долготраен аплауз и стоечки овации заврши проекцијата на филмот на која тогаш присуствуваа и режисерот Манчевски и главните актери.

„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж. Директор на фотографија е Улрик Боел Бенцен, дизајнер на продукција Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент Иан Прајор. По гала премиерата во Македонската филхармонија, каде доби неколкуминутни стоечки овации, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава.

Филмот ја имаше својата премиера и во Битола во Центарот за култура.  Во филмот играат и Соња Михајлова, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други. Музиката е на култниот „Дениш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска. Во екипата беа вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија, Србија и Бугарија.

 

Related Articles