Home » Филмот „Манаки-приказна во слики“ прикажан пред гимназијалците од Битола

Филмот „Манаки-приказна во слики“ прикажан пред гимназијалците од Битола

by culturalchat

Учениците од гимназијата „Ј.Б Тито“, во Кино Браќа Манаки имаа можност да го погледнат документарниот филм ,,Манаки, приказна во слики ” на Роберт Јанкулоски. Браќата Манаки, инспирацијата и за денешните генерации, фотографи и претприемачи и пионери во кинематографијата. Желба, напор и одлучност – рецепт за успех и тогаш и денес.

Филмот е по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкулоски, монтажата е на Блаже Дулев, музиката на Дарко Спасовски, а во продукција на Македонски центар за фотографија.

„Манаки-приказна во слики“ е филм кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините Браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија, туку и во поширокиот балкански контекст. Поради оваа причина, секој факт и мислење презентиран во филмот Манаки –приказна во слики се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.

„Една фотографија за мене и за историјата“ – е мотото на Милтон Манаки, коe со неговиот брат Јанаки ќе ги води низ долгогодишната работа како првите филмски сниматели на Балканот. Преку своите филмови и фотографии го прикажувале секојдневието за време на војни, селидби, но и прослави и посети на воени делегации во Македонија и соседните држави. Од нивниот опус останале околу 11 000 фотографии и речиси 7000 стаклени плочи кои се зачувани во Архивот во Битола.

Фотографот Роберт Јанкулоски посвети 6 години во истражување и дигитализација на творештвото на браќата Манаки. Илјадниците фотографии од камерите на ова уметничко дуо ги спои во филмот „Манаки – приказна во слики“.

„Имам чуство дека овој филм го работев за себе“, вели тој. „Се чувствувам како да изложувам свои фотографии“, надополни фотографот. Процесот бил напорен, но е уникатен бидејќи досега не е направена толку обемна презентација на творештвото на браќата Манаки.

„Јас знам да ги читам тие негативи, тие стаклени плочи кога ќе ги видите сè е наопаку, како рендген сними. Неколку пати досега ги имам прегледано буквално една по една сите тие 6-7 илјади стаклени плочи во Архивот на Битола“, раскажува Јанкулоски.

„Браќата Манаки биле свесни што значи фотографијата и колку таа може да биде моќна. Тие се првите сниматели на Балканот, но иако имаат совршени документарни филмови од почетокот на 20 век, тие во суштина биле аматери“, вели Јанкулоски. Првично заработувале од фотографијата, а потоа и од кинопроекциите во Битола.

Сочувани се околу 7000 стаклени плочи, но нивното творештво е многу поголемо. Како што вели Јанкулоски, браќата Манаки се чувствувале како вистински визуелни хроничари на Балканот.

Јанкулоски ја истражува македонската фотографија од 95-тата година, а во 2000 година го формира Македонскиот центар за фотографија во Скопје. Првата изложба за творештвото на браќата Манаки беше токму на фестивалот во Битола во 2001 година. Претходно ги посетил архивите на Академијата на науки во Букурешт, Архивата во Пловдив и низ Грција.

????????????????????????????????????

За 100 години од сега, фотографиите што се прават денес ќе ја обликуваат историјата. Јанкулоски вели дека голема среќа имаме што Манакиеви самите се потрудиле да ги сочуваат нивните фотографски и филмски дела. Филмот освои повеќе награди меѓу кои наградата за најдобар документарен филм на деветтото издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа SEE a Paris 2019.

Премиерата на овој филм беше и во Битола во Центарот за култура во 2019 тата година, а исто така беше прикажан на затворањето на филмскиот фестивал Браќа Манаки на 40- тото издание.

Related Articles