Home » Формирана националната установа „Оркестар за џез музика во Република Македонија“

Формирана националната установа „Оркестар за џез музика во Република Македонија“

by culturalchat

“Со огромно задоволство сакаме да споделиме со вас една, за нас, многу значајна информација, а истовремено и да ја поздравиме историската одлука за основање на национална установа „Оркестар за џез музика во Република Македонија“ . Изразуваме јавна благодарност до министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Министерството за култура кои најдоа слух за нашите заложби и ја препознаа вредноста на нашата долгогодишна работа, давајќи потврда за нашиот труд преку основањето на „Оркестар за џез музика во Република Македонија“ – вака здружението на џез музичари ја поздрави одлуката на владата и министерството за формирање на национална установа „Оркестар за џез музика“.

Новата национална музичка институција се формира токму по иницијативата на ова здружение кое со својот Биг Бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура.

ЗЏМ Биг Бендот сите овие години безрезервно работеше и се залагаше за промоција и афирмација на македонската џез музика и македонските џез музичари, и зад себе остави низа концерти и настапи за паметење, кои направија исклучително влијание врз македонската музичка сцена, но и врз македонската култура воопшто, подигнувајќи ја на едно повисоко ниво и проширувајќи ги хоризонтите на публиката и на целата јавност.  Институционализирањето на овој оркестар за џез музика, претставува потврдува за долгогодишните заложби на Здружението и неговите активности реализирани преку ЗЏМ биг-бендот, како и заложбите на бројните музичари кои гравитираат во сферата на џез-музиката.  Основањето на овој оркестар ќе биде уште едно поле во кое се отвора можност за негување на нивната креативност, но и можност за понатамошно професионално работење со нивната дејност.

„Овој оркестар во изминативе години покажа врвен професионализам, предизвика внимание кај пошироката јавност во земјава и надвор од неа, и пополни голема празнина во музичката култура. Оркестарот ќе ги згрижи младите џезери, ќе ја афирмира светската и македонската џез музика, ќе помогне во развој на музичката продукција, ќе има бројни концерти, а вмрежен со европските сродни ансамбли ќе организира и фестивали“, изјавуваат од министерството за култура.

Со овој чекор, ЗЏМ се надоврзува на историјата на создавање на џез оркестри во земјава, која започнува во далечните педесетти години на минатиот век, кога во Штип, во рамки на КУД „Македонка“ се формираше првиот биг-бенд во Македонија.  Потоа следи создавањето на уште една култна институција – Танцовиот оркестар на Радио Скопје, потоа оркестарот кој функционира во рамките на КУД „Мирче Ацев“, оркестарот при КУД „Боро Џони“ во Струмица и многу други кои во времето на своето дејствување исто така оставиле траги на македонската џез сцена.

„Ви благодариме и вам, кои бевте со нас сиве овие години и ја поддржувавте нашата работа, делејќи со нас незаборавни моменти.  Продолжуваме понатаму со ветување дека нашиот оркестар ќе продолжи по истиот пат, и во континуитет ќе го афирмира македонскиот џез, во земјава и надвор од неа“, стои на крај во соопштението.

Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ – Скопје, e невладина организација основана во април 2016 година, со единствена цел да ги обедини џез музичарите од Македонија, и да ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа.

Во здружението членуваат дел од најреномираните џез музичари од Македонија, студенти и професори на џез академиите во Скопје и Штип, како и слободни уметници, љубители и помагатели на оваа уметност. Здружението работи на подобрување на музичката продукција, се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, за афирмирање на џез музиката преку организирање на џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата во Македонија.

На 30. април, 2017 година, на платото пред Младинскиот културен центар, МКЦ Скопје, за првпат се одржа манифестацијата под наслов Today It’s All about Jazz (Денес сѐ е џез), во организација на ЗЏМ Скопје. Манифестацијата го одбележа Меѓународниот ден на џезот, со што Здружението се вклучи во мрежата на светски организации кои го одбележуваат овој ден за што има и официјална потврда од страна на Телониус Монк Институтот за Џез.

 

Related Articles