Home » 116 години од раѓањето на Петре Прличко

116 години од раѓањето на Петре Прличко

by culturalchat

На 13.03.1907 година во Велес бил роден еден од најекспонираните и најпопуларни актери во историјата на македонскиот филм и театар, Петре Прличко. Легенда која зад себе остави огромно актерско творештво, а одбележал и неколку скалила од развојот на актерското мајсторство во Македонија. Неговата ненадмината актерска харизма остави неизбришива трага во македонскиот театар и филм од 20 век. На 16 години, обземен од магијата на театарот, воодушевен од уличните актери и нивната енергија, ја напуштил гимназијата и се приклучил на патувачката група на Михајло Лазиќ – Чича која настапувала од град во град. Првата дебитантска улога ја добил во претставата „Бој на Косово“, по која тајно побегнал од дома, се качил на вози и го започнал седум децениското актерско патување.

Бил дел од различни патувачки театри, а нешто подоцна во 1930 година и самиот оформил театар нарекувајки го „Боем“. Претставите ги играле во кафеани, а Прличко и групата заработувале така што една девојка од театарот со шешир шетала меѓу гостите и собирала пари.

На овој начин живеел се до неговите 32 години, кога по долги 16 години патувајќи со групата, го добил првиот професионален ангажман во тогашното Народно позориште „ Краљ Александар I“ – денешен Народен театар во Скопје. Со прифаќање на оваа понуда тој и официјално ја започнал кариерата како професионален актер. Четири години подоцна преминал во Македонскиот народен театар – МНТ и останал таму се до неговото пензионирање во 1973 година. Петре ќе биде запаметен по неговите улоги во театарските претстави „ Сомнително лице“, „Црнила“, „Коштана“, „ Швејк во втората светска војна“ и многу други, а 1961 година се бележи како една од најплодните години во неговата филмска кариера, откако ќе се појави во првата македонска комедија „ Мирно лето“ режирана од македонскиот режисер Димитрие Османли. Во неговата богата актерска биографија се впишани и бројните главни улоги во култните филмови „Фросина“, „Мис Стоун“, „Солунските атентатори“, „Македонска крвава свадба“ и многу други.

Иако до сега нема објавена точна бројка, се верува дека Прличко одиграл над 8 илјади претстави и толкувал над 500 улоги, снимил 32 филма, напишал 6 драмски текста и 11 драматизации.

Добитник е на многу награди и признанија а меѓу позначајните се – наградата „Златна арена“ за главна машка улога во филмот „Мис Стон“, и наградата „Славица“ за животно дело која му била доделена во Ниш 1991 година. Петре Прличко одиграл и голем број улоги во филмовите на другите балкански продукциски куќи, а до денес се уште не постои актер од европската театарска историја која воопшто може да му парира. Починал во Скопје на 16 ноември 1995 година.

Во негова чест од 2006-та година се доделува наградата за животно дело за глумци од средната генерација „Петре Прличко“ која се состои од плакета со неговиот лик и парична награда, а по повод 100 годишнината од неговото раѓање, Македонска пошта издаде почесна марка со неговиот лик.

Related Articles